На толку скапи советници, чудно е што тонеме наместо да сме лидери во светот

Што советуваат Габер, Грчев, Спасов…?

Мене ова ми наликува на вдомување на партиските послушници на сметка на државниот буџет. Да ги плаќаат од сопствените средства сигурно не би правеле така, смета скопјанецот Ѓоко Младеновски.

Архитектот Грчев мора да е сестран човек, штом секаде го викале за советник. Не знам само дали советува и за спортот, бидејќи се гледа дека го бива за дисциплината – трчање и броење пари без пречки, шеговито ни прокоментира Александар.

Илјада, илјада и двестотини евра, секој месец, со години… e паушалoт кој редовно стасувал на сметките на оние лица кои имаат статуси на советници во премиерските и во министерските кабинети. Фрштеле големи народни пари, а фрштеле ли корисни совети? Што аир виде Македонија од советите на скапоплатените советници?

Големите паушали се исплатувале благодарение на законските можности и „принципите“ на оние кои во тој момент се функционери. А колку многу пари од граѓаните одат за сето тоа, се виде последниве месеци. Прво на виделина излегоа информациите за тоа дека премиерот Зоран Заев има четириесетина надворешни советници, односно, лица со кои се склучени договори за соработка. Заедно со редовните советници, кои се постојано вработени во владините служби, тој број се движи на повеќе од шеесетина. А месечен надомест кој што го земаат дел од советници се движи околу илјада евра. Неодамна, на виделина излегоа и имињата и надоместоците на советниците на министерот за надворешни работи Никола Димитров. Петмина – Виктор Габер, Људмил Спасов, Ана Чупеска, Никос Чаусидис и Фехари Рамадани со месеци добиваат надоместоци од илјада до илјада и двесто евра за да го поучат министерот меѓу другото и како Македонија да се справи со проблемот со името. Се слушна и за хонорарите кои во изминативе две години ги земал архитектот Мирослав Грчев, како советник на премиерот и во Министерството за култура: 17.000 евра за 2,5 години…

-Архитектот Грчев мора да е сестран човек, штом секаде го викале за советник. Не знам само дали советува и за спортот, бидејќи се гледа дека го бива за дисциплината – трчање и броење пари без пречки, шеговито ни прокоментира Александар кого го прашавме што мисли за големите пари кои се одлеваат на советници.

Инаку, листата на обзнанети имиња не е конечна и сигурно во наредниот период јавноста ќе дознава и кои други лица биле советници и колкави хонорари им се исплатувани.

-Ако се точни бројките што ги слушнав дека министри имаат околу шеесетина советници и дека многу советници има и премиерот, тогаш се поставува прашањето колку се способни овие функционери? Мене ова ми наликува на вдомување на партиските послушници на сметка на државниот буџет. Да ги плаќаат од сопствените средства сигурно не би правеле така. Ако навистина водат сметка за парите на граѓаните би го намалиле бројот на пратениците, бројот на министерствата, би ги укинале замениците, портпаролите, би ги намалиле платите. Вака, само ни се потворува од нивните претходници: дојдат ли на власт, грабаат што е можно повеќе, вели скопјанецот Ѓоко Младеновски.

А по кои критериуми се бираат советниците не се знае. Кај нас е воспоставено правилото дека тоа е личен избор на функционерите.

-Колку што гледам тие си ангажираат само свои истомисленици и луѓе кои што ги задолжиле на некој начин. Односно, вака ги наградуваат со големи пари, а тоа е премногу, смета граѓанката Весна Поповска.

Очигледно, потребни се промените и во овој поглед доколку навистина се сака да се има власт која ќе води сметка за секој граѓански денар. Проблем е што такви промени се уште не се најавуваат…

Ограничувања за бројот, но и на мандатот

Ваквото неконтролирано ангажирање на советници не се практикува во поголемиот број на европските земји. За разлика од Македонија, каде е решавачка волјата на премиерот или на министрите, таму се воспоставени ограничувањата. Па, така, највисоките функционери имаат можност да изберат советници по свој личен избор, но во ограничен број и со ограничен мандат. Останати се бираат на оглас.