На „Трета македонска бригада“ и треба новоизмислен знак–пази куќа на булеварот

Куќа среде сообраќајница, е чудна појава која не се прави само во филмовите туку и во реалниот живот во Скопје. Тргнете со возило од Центар кон Лисиче по новиот булевар „Трета македонска бригада“ и ќе наидете на една таква слика – непосредно пред бензиската пумпа на „Окта“ и супермаркетот „Тинекс“. Едноставно, возилата кои одат по две ленти од Центар за јавно здравје во објектот „Пролет“ веќе се забрзани и само оние возачи кои се навиканти и кои добро знаат што ќе им се испречи на патот на време се престројуваат во една колона за да полесно ја поминат ненадејната пречка – куќа на патот. Оние возачи кои не знаат најчесто доцна го гледаат знакот за стеснување на патот. Заради тоа настануваа опасни ситуации. Причина е едноставна: таму каде што треба да поминува трасата од втората сообраќајна лента има деловен објект во кој што е сместен сервис за миење возила. Така е веќе подолго време, откако реконструираниот булевар е пуштен во сообраќај. Градските власти не можеа да се договорат со сопственикот на сервисот околу обештетувањето за дислоцирањето на објектот и тој си остана таму каде и што беше.

-Не е во ред што е вака. Мислиш возиш по булеварот и одеднаш ти се појавува куќа на патот. Малку треба да удри некој во неа. Овде се вози брзо и некој што не е навикнат може да настрада. Ова треба да се реши оти вака прашање на денот е кога некој ќе предизвика сообраќајна несреќа. Или ќе удри во куќата или ќе се судри до друго возило, ни вели Симе Петрески, жител на Аеродром.

Проблемот се појави уште од почетокот на реконструкцијата на дотогашната улица „Трета македонска бригада“ во 2015 година. На тој дел, по кој се трасираа две сообраќајни ленти во правец на населба Лисиче. Таму имаше повеќе објекти кои еден по еден беа дислоцирани, но се запна кога на ред дојде единствениот преостанат објект кој се најде на патот на трасата – сервис за миење на коли. Градските власти на чие што чело тогаш беше градоначалникот Коце Трајановски почнаа да преговараат со сопственикот на обектот околу начинот на обештетувањето. Но, сите прегововори за уривањето на објектот чија што површина изнесува 30 метри квадратни не вродија со договор. На маса беше изнесена понуда за парично обештетување, имаше и понуда градските власти да изградат објект со иста површина во непосредна близина на постојниот објект, но до договор не дојде. Случајот отиде и пред судски инстанци, но и покрај тоа што во септември 2017-та година се најавуваше дека ќе се добие конечна судска одлука тоа не се случи. Оттогаш до сега, градот има уште една опасна точка во сообраќајот.

-Нормално е дека сопственикот не може да бара милионски суми, но никој со сила неговото не може да му го земе. Треба да се оди според пазарната цена и плус ако заработува од местото, да му се калкулира во цената. Ми се чини проблемот е во начинот на преговорите и средствата кој треба да се издвојат и на крај судот кој треба да пресече бидејки се работи за објект од државен интерес, смета скопјанецот Александар Наковски.

Додека да се случи тоа скопјани, очигледно, уште долго време ќе мора многу да внимаваат за на овој дел од новиот булевар да не им се случи некоја сообраќајна незгода. Компромисното решение сепак треба да се најде. Прашање е само дали се бара.

Куќата што пречи на „Водњанска“ стана „дел“ од булеварот
„Скопско ехо“ веќе пишуваше за проблемот со куќата на булеварот „Мајка Тереза“, (стара „Водњанска“) која се наоѓа на самиот тротоар. И таму градските власти не можат да се договорат со сопственикот околу обештетувањето па решение е најдено во поставување на метални столбови во асфалтот. На тој начин пешаците можат колку-толку безбедно да поминуваат. Но, во овој случај пречката е уште поголема. Прашање е само дали и двата проблема ќе си останат така со години…