На улица за 300 луѓе сега живеат 3.000, може ли вакво Скопје да издржи 800.000 жители?

Скопје станува град во кој тешко се живее. Не, не само поради тоа што градоначалниците не си ја вршат работата како што треба па градот е во хаос, туку и поради пренатрупаноста, односно пренаселеноста за постојната инфраструктура.

Денеска во Скопје од внатрешноста се доселени нови седум жители, по разни основи – преселба во нов стан, заради работа, заради склучување брак… Ваков податок нема да се прочита во некој медиум или институционален извештај, но лесно се добива кога ќе се пресмета доселувањето во главниот град на Македонија во изминативе години. Во 2018 од внатрешноста се доселиле 2.575 лица, во 2016 уште повеќе, 2.882 лица. Излегува дека за последните десет години во Скопје се преселил град со големина на Гевгелија, а чии жители се распределија најмногу по скопските општини Аеродром, Карпош, Центар… Само во Аеродром секоја година има најмалку илјада новодоселени граѓани.

Приливот не запира, а доказ за тоа е и секојдневното градење на нови згради, на стотици нови станови. Веќе се подготвени и новите Детални урбанистички планови за новите населби Расадник, Хром, за 60-катниците на паркингот кај ГТЦ, за Трнодол, Маџир Маало, Треска… Сите тие предвидуваат десетици и десетици нови згради во кои ќе се населуваат нови жители на Скопје. Тоа ќе значи ново и ново зголемување на населението во градот. Од последниот попис во 2002 година кога Скопје забележа 506.926 жители, па преку додавање на општините Сарај и Кондово кога се искачи 668.518 жители, сега веќе се проценува дека во градот има околу 800.000 жители. Според ГУП за Скопје градот во 2022 година треба да има околу 630.000 жители. Проценка е дека „вишокот“ во градот се меѓу 100.000 и 150.000 жители, но на кои секоја година се додаваат нови и нови… Скопскиот регион веќе одамна е пренаселен, со 341 лице на еден квадратен километар за четири пати е погусто населен од просекот во земјава кој изнесува 83 лица на еден просторен километар!?

На потребата да запре доселувањето на градот апелираат многумина.

-Јас немам никаков проблем со растење на градот, ама ако тоа некој некогаш го правел плански. Сега овој град не расте туку се компресира и тоа ќе доведе до експлозија. Нема инфраструктура на толку мал простор да се набијат толку луѓе. А проблемот не се решава туку на против се зголемува, изјави неодамна за „Скопско ехо“ режисерот Срѓан Јаниќиевиќ.

Слично мислат и другите граѓани.

-Треба да се најде начин да се сопре доселувањето во Скопје. Првенствено, да се регулира доселувањето, жителството да се дава исклучиво на тие што поседуваат имот во градот. Да се сопре и градењето на новите згради, смета скопјаката Даниела Хаџи Јаневска – Гиевска.

-По пред две години имаше улици во Аеродром каде живееја по 300 граѓани, а сега напикаа нови згради и таму живеат 3000 луѓе. Тоа не е нормално и градот ќе пукне бидејќи го пренадуваа, реагира Јасминка Иванова.

Според сегашните правила, за да се добие жителство на Скопје, покрај другото, доволно е само да се достави склучен договор за изнајмување на стан!?

Очигледно, додека не се преземе нешто трендот на доселувањето во Скопје ќе продолжи. На последните локални избори пред три години во кампањите на кандидатите овој проблем воопшто не се ниту спомна. Тоа значи дека како да е оставен на стихијата која еден ден ќе ја затрупа недоволната градска инфраструктура – канализацијата, сообраќајниците, јавниотпревоз, струјата, водоводот… 

Претходна вестУапсени три млади лица заради поседување марихуана
Следна вестЌе тргне ли на поарно со новиот в.д. директор на ЈП „Улици и патишта“?