На Водно не е толку загадено, ама Пендаровски се сети на отровниот воздух

Страшното загадување ги растрча политичарите да даваат разни ветувања за мерки и планови со кои ќе не спасуваат од отровниоот воздух. Во сета таа трка некако подзаостана претседателот Стево Пендаровски, но еве вчера и тој се јави за темава. Му пишаа граѓански здруженија и тој им одговори:

– Проблемот со загадувањето може да се реши само со координација и вклученост на сите надлежни институции. Затоа ќе ја интензивирам комуникацијата и координацијата со граѓанските организации коишто дејствуваат во полето на екологијата. Во мојот одговор на отвореното писмо од здружените граѓански организации и иницијативи, повикав претставници од потписниците на писмото на средба во мојот кабинет на 14.11.2019. Исто така, проблемот со загадувањето планирам да биде точка на следната седница на Советот за безбедност. Сакам граѓанските организации да знаат дека целосно се ставам на располагање за да помогнам во активностите, да бидам гласен поддржувач на граѓанските иницијативи и своевиден мост за побрза и поефективна комуникација помеѓу надлежните институции и граѓанските организации, напиша Пендаровски.

Не е лесно да се зафатиш за толку работа… дури и мост да станеш… особено што таму горе на Водно и не е толку многу загадено.
Само некако доцни на стартот од тркава…