Надлежните не го решаваат најбитното во Скопје: загадувањето и сиромаштијата

За актерката Зорица Нушева, главната ѕвезда на нашиот филмски хит „Господ постои, името и е Петрунија“, Скоје не е голем град и има можности уште да се развива. Но, сепак треба да се води сметка и за развојот на околните градови за да се одбегне ситуација во која сите ќе доаѓаат во метрополата.

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
– Почетоците, ФДУ, нови луѓе, нов живот, театар, концерти на саем, лизгалиште, радости, политика, протести, не се дише…

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
-Скопје годинава беше на прво место во светот заради загаденоста на воздухот. Како се сака ваков град? На ова Скопје сега му никнаа згради на секој чекор, се сечат дрвјата и се поплочуваат и тие малку зелени површини… а никако да се преземе нешто и со фабриките и филтрите кои законски мора да ги имаат на нивните оџаци. Скопје денес се изгуби во сивилото и маглата на улиците и во срцата на граѓаните..

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
– Моето чувство е дека има едно општо незадоволство, грижи за преживување, наместо комоција на живеење… 99 проценти од нашите пријатели се иселија. Надлежните не знам што прават, но очигледно не го решаваат најбитното: загадувањето и сиромаштијата.

Дали Вие доволно му дадовте на градот?
– Како и секој уметник, јас им служам на граѓаните на овој град несебично давајќи се во моите креации, со сета душа, тело, ум… Со идеја конкретни пораки да допрат до нив, да се размислува, да се чувствува, сочувствува, да се сака и критикува, да се кажуваат вистините гласно, да се надминува стравот…

Со што најмногу се гордеете во Скопје?
– Се гордеам на индивидуални успеси на уметници кои се лицето на овој народ во светот, се гордеам на Симон Трпчевски и неговиот проект „Македонисимо“, се гордеам на целиот тим што стои позади „Медена земја“, а посебно сум горда на соработката со исклучителниот тим на филмот „…Петрунија“ и режисерката Теона Митевска, успесите зборуваат за тоа.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
– Скопје не е голем град, има можност да нуди и да се развива, како многу метрополи во светот. Ако пренаселеноста е подтекстот на ова прашање, тоа за што се согласувам е дека многу малку или воопшто не се посветува внимание и не се дава подршка во развојот на помалите градови во земјава, и нормално е луѓето да доаѓаат овде зашто бараат подобра егзистенција.

Сакам град кој негува квалитет, а не политички вработувања

Во какво Скопје сакате да живеете?
– Во чисто Скопје, Скопје град на културата, Скопје кое негува квалитети и таленти наместо непотизам, и фамилијарни и политички вработувања и ангажмани, Скопје со дрвја и зеленила, со добро организиран сообраќајен ред. Скопје град на енергични и полни со воља граѓани, Скопје град кој нуди светла иднина за нашите деца, Скопје град полн Љубов.