Нагли температурни промени- како да се поднесат полесно?

И денеска се очекува променливо, облачно време со услови за врнежи од дожд, какво што беше времето целата измината недела. Но викендов се случува нагол раст на температурите за околу 10 степени плус од сегашните, односно на моменти, ќе стигнат дури и до 30 степени Целзиусови.
Вакво време ќе остане викендов, а метеоролозите препорачуваат дури и заштита од ултравиолетови зраци со капи, очила и креми за сончање ако подолго престојувате на сонце. УВ индексот, ни повеќе ни помалку, се очекува да биде 9.
Од понеделник следи нагло заладување со невреме речиси идентично на ова од неделата што измина. Загриженоста кај луѓето е оправдана ако се знае дека особено за оние со хронични здравствени проблеми, ваквите промени се тешко подносливи. Па, според лекарите, овие луѓе би требало да се однесуваат како и кога е студено и енормно загадено, односно повеќе да мируваат дома и да внесуваат што повеќе течности.