Пандемијата задава сериозни проблеми во Македонија. Дали надлежните институции соодветно се справуваат со големиот предизвик? Бројката на починати пациенти надминува 6.500 загубени животи.
Властите велат дека прават се за сузбивање на вирусот. Еве денеска министерот во оставка Венко Филипче најавува трета доза вакцина којшто ќе почне да се дава од понеделник. Требало да биде „Фајзер”, без оглед која е претходно примената вакцина.
-Се препорачува трета доза на вакцина против ковид-19 за луѓето над 60 години, како и за здравствените работници и за хронично болните, без разлика на која возраст се, изјави Филипче.
Дали ова ќе донесе помирна слика на теренот околу пандемијата ќе се види наскоро. Но, останува прашањето дали решението за победа во пандемијата е само во вакцинирањето или треба да се вложат дополнителни сили и знаење и во донесување на превентивни мерки и пред се во подобрување на лекувањето на пациентите…?
Властите нудат слика дека се се одвива во најдобар можен ред, и дека со нивната анти ковид политика се постигнуваат резултати, но сепак при тоа самооценување како да се игнорира другата страна на медалјата – каков е третманот на заболените од Ковид-19, каква е состојбата во модуларните болници, има или нема јасен протокол, што се прави да се намали смртноста од вирусот, дали некои мерки се контрапродуктивни…
Се почесто во медиумите и на социјалните мрежи се појавуваат сведоштва на луѓе кои не добиле соодветна здравствена заштита. Се предочуваат конкретни забелешки и пропусти поради кои пациенти дури и починале. А трагедијата во Тетово е посебна приказна… Сето тоа се работи кои предизвикуваат кај јавноста разочараност, па дури раѓање на недоверба.
– Уште кога гледам како настапува Заев на телевизија и како дава објаснувања за пандемиската криза, уште повеќе се плашам како ли функционира системот, е еден од честите коментари во јавноста.
Граѓани реагираат и на најавата за нови мерки кои се подготвувале во надлежната Комисија за заразни болести, а од друга страна се појасно се гледа дека сегашните мерки се недоречени, па дури контрапродуктивни, а некои беа задоцнети.
Министерството за здравство и Комисијата се на потег. Ќе ги преразгледаат своите активности и ќе нудат подобри решенија или ќе останат во уверувањето дека постапуваат најсоодветно.