Најголем дел од содржините на TВ програмите се без никаква смисла

Актерката од помлада генерација Елена Кузманов смета дека македонските телевизии треба да се грижат за она што се нарекува екологија на духот кај народот, а што сега не е случај.

 Што им препорачувате на скопјани да гледаат на телевизиските програми и зошто?

-Не би знаела што да препорачам, затоа што најголем дел од содржините на телевизиските програми се без никаква смисла. Во секој случај, што и да се гледа, треба да се гледа со критички поглед, внимателно. Бидејќи нештата нè менуваат дури и тогаш (и можеби особено тогаш) кога мислиме дека нешто не ни влијае и дека го гледаме само за забава. Како и секој медиум, така и телевизијата, на свој сопствен начин ја обликува свеста, дури и кога телевизорот е само вклучен во позадината, измешан со секојдневните звуци. Медиумите ја менуваат перцепцијата на луѓето, колку и да сме несвесни за тоа, бидејќи суптилно ни претставуваат одредени идеи како природни, една реалност како непроменлива. Затоа треба да се биде многу внимателен. Но денес очигледно за ниедна постапка нема последици, и за своите дејства никој не превзема одговорност, и затоа продолжуваат да ги прикажуваат истите бесмислени содржини.

Инаку, кога сме кај препораки и телевизија, според мене најдобра телевизиска серија која зборува за овие теми, и би ја гледала повеќе пати, е Мад Мен.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат ТВ каналот?

– Телевизијата, како и секој мас-медиум, зависи од гледаноста на публиката. Мислам дека и покрај тоа што сите зборуваат дека бараат поинакви содржини, она што се прикажува на програмите е она што навистина е гледано. Но, со тоа не сакам да кажам дека публиката е виновна. Напротив, вината е кај уредниците, кои како вистински примери на капитализмот, за да имаат повеќе профит, и го даваат на публиката она на кое што е навикната. Наместо тоа, тие би требале конечно да прикажат нешто што е навистина вредно, и со тоа да се грижат за она што се нарекува екологија на духот кај народот.

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

– Мислам дека телевизијата ја отсликува свеста на народот. Најверојатно сме многу осамени, па затоа и исплашени од другите, или со омраза кон нив, штом единствените информации кои ги има за Скопје, се политички афери. Освен тоа има по некои лоши ,,забавни” емисии за скопската ,,естрада”, и по некоја ретка емисија за старо Скопје. Она што мене ме интересира е градот денес и утре. Претпоставувам дека има луѓе што се грижат за иднината на градов, луѓе со вистински идеи и визија, но нив ги нема на екраните.

 Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

– Не знам што, но би обрнала внимание на ,,како”. Дури и оние ретки емисии за култура кои ги има кај нас, такви какви што се, паѓаат на нивото на политички дебати и турски серии. Тоа покажува дека често не е важно само што се прави, туку и на кој начин е направено.

Медиумот треба да ни предаде преработена информација, да ни даде вистинско сознание, а не да нè полни со празни информации, кои денес и онака ги имаме премногу.

Претходна вестПретежно сончево со температура до 12 степени
Следна вестПогребана ли е грижата за просторот околу градските гробишта?