Најголемиот пожар е на Криволак, се гасне со хеликоптери

Со хеликоптери се гасне пожарот на подрачјето на воениот полигон Криволак кој се разгоре вчера попладне. Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов утринава објави дека во земјава се активни три пожари.

-Рано утрово со полициски хеликоптер извршивме извидување на трите активни пожари. Најголемиот пожар е на дел од подрачјето на воениот полигон Криволак каде дејствуваат еден армиски и еден полициски хеликоптер. Воените магацини се дополнително осигурани и се целосно безбедни, наведе Ангелов на својот профил на ФБ.

Пожарот на Криволак вчера во 14:45 часот пожарот повторно се реактивирал, разгорел и проширил и се поделил на три краци. Едниот се движел кон селото Пепелиште, Неготинско, вториот во правец на Богослове, штипски регион и третиот во атарот на Армискиот полигон „Криволак“.

Вториот пожар е нов пожар кој е забележан за време на хеликоптерското извидување се наоѓа во атарот на с. Калуѓерица во близина на магистралниот пат Радовиш – Струмица каде е зафатена дабова шума и постоеше можност за проширување но благодарение на брзата интервенција на ТППЕ Радовиш пожарот е ставен под контрола.

Третиот пожар е пожарот кој во текот на вчерашниот ден гореше во атарот на с. Требичино, во општина Василево, струмичко.

-Пожарот во текот на ноќта го намали својот интезитет, чади на некои места но нема видлив активен оган. Во овој момент на лице место се екипи на ТППЕ Струмица. Доколку се разгори дополнително ќе се донесе одлука за евентуално гаснење од воздух поради непристапноста на теренот. Во состојба на подготвеност за дејство е и Ер тракторот на Дирекцијата за заштита и спасување, информира Ангелов.

Претходна вестПретпладне сончево, попладне нестабилно
Следна вестНов случај на африканска чума кај свињите во Македонска Каменица