Најкрупни грешки во Македонија се: приватизацијата, промената на името…

Во Македонија има многу мераклии за власт, зашто, по сѐ судејќи, друго и не знаат да работат, потенцира познатиот писател Раде Силјан

 Со Силјан разговараме на повеќе теми поврзани со него и неговата татковина, што недостасува, a што е вишок…

Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

– Ќе одговорам со стихови од песната „Македонија и Македонците“, застапена во стихозбирката „Пресликано време“, објавена во 1999 година. По дваесет и три години од објавувањето на песната, во оваа пригода не е на одмет и да се самоцитирам:

Македонија – земја на идеали; Македонија – земја на фестивали;

Македонија – земја на семинари; Македонија – земја на праматари;

Македонија – широка постела за знајни; Македонија – неорано поле за парадери;

Македонија – развеан бајрак за безнадежни; Македонија – темен облак за неродените;

Македонија – заборавена од Македонците; Македонија – опеана од Македонците;

Македонија – најголема мака за Македонците.

Кои се најкрупните 2–3 грешки што се направија во Македонија во последниве триесет години?

– Од многуте крупни грешки навистина е многу тешко да издвоиме само две до три. Но, сепак ќе посочам три грешки, кои ја обезличија македонската држава. Првата грешка е лошата приватизација, која поради брзоплетоста, неукоста и алчноста на одредени слоеви, остави илјадници луѓе без работа, без основна егзистенција. Пустошот што го направи приватизацијата денес е видлив во сите села и градови на нашава држава. Втората и непростлива грешка е промената на името на државата, а третата, според мене, е лекоумно прифатениот договор за божемно „добрососедство“ со нашиот источен сосед. Но, лудилото е безгранично, па така неуспешниот референдум го прогласија за успешен, а со потпишувањето на „братскиот договор“ се обременивме со многу грижи и, како што мудро вели народот, влетавме како волови во слама. Дозволивме со нашите идентитетски прашања да манипулираат неуки и постојано да повторуваат дека сѐ е бетонирано, како божем да се градежни работници, а не одговорни политичари.

Граѓаните даваат и плаќаат, но дали властите доволно ѝ даваат на државата?

– Граѓаните и милум и силум мора да ги плаќаат давачките, а властите главно уживаат од придобивките на нивните изборни кампањи. Победниците секогаш го кркаат кајмакот. Всушност, во Македонија има многу мераклии за власт, зашто, по сѐ судејќи, друго и не знаат да работат.

Дали Вие доволно ѝ дадовте на Македонија?

– По повод триесетгодишнината од основањето на „Матица македонска“, минатата година, во соработка со НУБ „Свети Климент Охридски“ од Скопје, објавивме Библиографија на изданијата на оваа куќа, во која се презентирани публикуваните книги од 1991 година се до 2021 година. Во Библиографијата се евидентирани две илјади и шестотини наслови од сите области на нашето живеење, печатени во над четири милиони примероци. Тоа се факти со кои искрено се гордеам. Исто така, благодарение на мојот ангажман и на моите соработници, книжарниците на „Матица македонска“ прераснаа во духовни храмови за сите љубители на пишаниот збор во Македонија. Но, за она што јас сум го дал за нашата татковина, можеби е најдобро другите да говорат.

Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

– Најмногу се гордеам со успесите остварени во литературата, во филмот, театарот, музиката, сликарството… Ако направиме пресек на постигнувањата во овие области, сите треба да се гордееме и да се пофалиме со фактот дека културата е нашиот најдобар амбасадор во светот.

Во каква Македонија сакате да живеете?

– Би сакал да живеам во држава која ќе води грижа за граѓаните, со изградени институции, држава во која сите региони рамноправно и рамномерно ќе се развиваат.

НАЈМНОГУ МИ НЕДОСТАСУВА ВЕРБАТА ВО НАШИТЕ ВРЕДНОСТИ

Што Ви недостасува, а што би одзеле од државата?

– За жал, многу работи ми недостасуваат, кои нѐ доведоа во ситуација да бидеме меѓу последните на Балканот. Но, најмногу ми недостасува вербата во нашите вредности. Всушност, како да заборавивме на знаменитите предци, кои во скудно време ги создадоа најзначајните институции во државата.