Најмалку 16 луѓе се убиени во пукањето што се случило доцна синоќа во американската држава Мејн. Полицијата на Луистон во оваа американска сојузна држава трага по напаѓач за кој се сомнева дека е извршител на убиствата.
Напаѓачот е идентификуван како 40-годишниот Роберт Кард, кого полицијата го опиша како опасен и вооружен.
Според повеќе непотврдени извештаи, во масовното пукање се ранети најмалку 50 луѓе.
-Во целиот град се слушаа сирени за тревога и хеликоптери. Дојде полиција од целата држава. Целиот град е затворен. Ужасно е, изјави Били Џејн Крук, која го води градскиот совет на Луистон.
Бројот на загинати засега не е официјално потврден и варира од 16 до 22, според различни извори.
Полицијата објави три фотографии на Фејсбук, барајќи помош од јавноста за идентификување и лоцирање на напаѓачот, пренесува Хина.
На две фотографии е прикажан осомничениот, маж со брада во кафена јакна со качулка и фармерки, како држи полуавтоматска пушка, а на третата е прикажан бел џип.
-Има активен напаѓач во Левистон. Ги молиме граѓаните да останат во своите куќи со заклучени врати. Полицијата во моментов истражува на повеќе локации, објави полицијата на државата Мејн претходно на социјалната мрежа X.
„Сан журнал“, цитирајќи го портпаролот на полицијата во Левистон, објави дека се пукало во три различни објекти, вклучително и куглана и кафуле.
Тие два објекти се оддалечени 6,5 километри.
За настанот биле информирани и американскиот претседател Џо Бајден и гувернерката на Мејн Џенет Милс.