Најнова најава: „Градски Паркинг“ ќе обезбеди нови 1.350 паркинг места и ќе гради монтажни паркиралишта

Паркирањето возило во Скопје е голем проблем, особено во централното подрачје како и во Карпош и Аеродром. Нема доволно паркинг места, не се одржуваат постојните како што треба…

Сепак, ЈП „Градски Паркинг“, минатата година бележело значителен финансиски успех, а за годинава планираат изградба на повеќе од 1.000 нови паркинг-места и изградба на монтажни паркиралишта. Ова го соопшти денеска Градот Скопје.

Во информацијата до јавноста се наведува дека градско претпријатие има забележано значителни резултати со речиси двојно зголемување на приходите во четвртиот квартал од 2022 година, споредбено со годината претходно.

-ЈП „Градски Паркинг“ во изминатата година како реализација на мерките од програмата За модерно Скопје, ги намали цените за паркинг услугите на зонските паркиралишта во градот за 25 отсто, а едновремено го консолидираше финансиското работење и ги зголеми платите на вработените. Фокусот останува подобрена безбедност во сообраќајот преку отстранување на возила кои ги блокираат пешачките и велосипедски патеки, како и грижа за животната средина, со превенција на паркирање врз зелени површини, се вели во соопштението на Град Скопје.

За оваа година, ЈП „Градски Паркинг“ планира да обезбеди 1.350 нови паркинг места, како и да започне со проект за изградба на монтажни паркиралишта.

Ќе биде ли реализирана оваа најнова најава останува да се види. Скопјани одамна апелираат да се направат нови паркинг места, а и одамна слушаат (и од претходните градски власти) најави дека ќе се направат.

Претходна вестМојсова-Чепишевска: „Македонија е судбина на светот, светот е судбина на Македонија“ стихот на Шопов ја одразува смислата на Третата зимска школа
Следна вестТри лица каснати од кучиња скитници во Скопје