Наќе Чулев добил отказ или е суспендиран?

Отказ или суспензија од Агенција за разузнување добил Наќе Чулев, поранешниот министер за внатрешни работи? Ваква дилема се појави откако Чулев претпладене објави дека веќе не е дел од безбедоносниот систем.

– По повеќе од 25 години поминати во служба на татковината и граѓаните на Македонија, не по моја вина, на мое жалење повеќе не сум дел од безбедносниот систем. Криминалниот режим кој ја предводи власта и за жал ја води државата со сета сила удри и по мене и по мојот професионален интегритет. Јас сум човек – професионалец кој својата кариера ја градел чекор по чекор, почнувајќи од најниското скалило во службата, напиша Чулев на својот профил на социјална мрежа Фејсбук.

Тој наведува дека сите овие години бил „во првите редови на одбраната на уставниот поредок, територијалниот суверенитет и интегритет и безбедноста и интересите на Македонија“.

– Тоа што за сите нас е патриотизам и љубов кон татковината, оваа предавничка власт сега го стигматизира како македонски екстремизам и радикализам, а македонските патриоти, преку креирање на перфиден систем на лажни и фабрикувани информации континуирано ги елиминира од безбедносниот систем. На тој начин, смислено и со план ги ослабнуваат капацитетите на државата и ја доведуваат во подредена положба. Во изминатиот период во неколку наврати испратив јасна порака и денес повторно и недвосмислено повторно го правам тоа. Политичкиот прогон, сите притисоци, закани и уцени кон мене и другите припадници на безбедносната заедница нема да вродат со плод. Ние и понатаму ќе бидеме со полн капацитет во одбрана на Македонија и македонските интереси, а сите оние кои постапуваат незаконски ќе одговараат за тоа пред надлежните институции, истакна Чулев.

Наспроти ова, од Агенцијата за разузнување денеска соопштија дека Чулев нема добиено отказ туку е суспендиран.

– На 08.06.2022, Наќе Чулев е суспендиран од работа. Причина за суспензија е добиеното Решение од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации со кое се регулира материја поврзана со безбедносниот сертификат. До овој момент Наќе Чулев нема добиено отказ од Агенцијата. Со ова Агенцијата за разузнавање констатира дека Наќе Чулев манипулира со јавноста, се наведува во одговорот на Агенцијата.

 

Претходна вестПовеќе повредени во сударот на три возила на патот Делчево – Македонска Каменица
Следна вестНови 957 заразени со Ковид – 19, двајца починати