Намален бројот на пациенти во тешка состојба, дел веќе се пуштени дома

41

Сите пациенти кои се лекуваат и во Македонија и во странство се во стабилна состојба, кажа министерот за здравство, Арбен Таравари. Според него, здравствената состојба на голем број пациенти полека се подобрува. Вчера имало дваесет пациенти во потешка состојба, но денес тој број е намален на десет, и сите се надвор од животна опасност. Тројца пациенти веќе се пуштени на домашно лекување, а уште тројца се планира да бидат отпуштени утре. Сепак, пред исписот, сите пациенти ќе мора да поминат токсиколошки анализи.

-На сите пациенти кои ќе се испишуваат од болничко лекување ќе им се прават токсиколошки анализи, така заклучивме на Кризен штаб. Затоа и денес не брзавме да ги испишеме тие неколку пациенти кои беа за испис. Ќе дојдат искусни токсиколози кои ќе направат испитувања, за да бидеме сигурни пред да ги пуштиме на лекување во домашни услови, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

Во моментов, во државата се лекуваат 72 пациенти, распоредени во државни и приватни болници.

-На Клинички центар „Мајка Тереза“ се лекуваат 34 пациенти, во Градска општа болница 8-ми Септемвр се 15 пациенти, во Градска Општа Болница-Хирургија Св. Наум Охридски се 11 пациенти, а во Штип е само еден пациент. Од приватните болници во Систина се седум пациенти, а во Жан Митрев се четири, додаде Таравари.

Во текот на денот уште двајца пациенти ќе заминат на лекување во Турција и шест во Шпанија. Сто и еден пациент се лекуваат во странство, распоредени во тринаесет држави, а најголем број се во Србија триесет пациенти, Бугарија петнаесет и Грција дванаесет.

Претходна вестОбјавени се имињата на жртвите од дискотеката „Пулс“
Следна вестПриведени се Ратко Димитровски, Николчо Илијев и Љупчо Папазов