Наместо да пренесат реална слика, телевизиите создаваат хаос

За Стефан Ристовски, графички дизајнер и музичар, скопјани не треба да губат многу време пред телевизиските екрани во ситуација кога на нив доминира политика и информации кои се тенденциозни.

о Што им препорачувате на скопјани да гледаат на телевизија?
– Секој човек треба да ги пронајде програмите, односно рубриките на телевизија кои највеќе одговараат на неговите интереси. Кога би требало јас да издвојам неколку програми, тоа би било следново: Музички програми, одлични за релаксирање, но и разбивање на тишина и монотона атмосфера. Како филмоман, се разбира дека ги препорчувам и филмските канали кои треба да се следат без разлика дали гледањето филмови е ваше страствено хоби или само начин да се „потроши“ некој час во денот. И за на крај, документарни емисии од различен карактер и тема (наука, патување, историски..), кои се секогаш тука за нови и интересни сознанија и информации.

о Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат на ТВ екраните?
– Многу е едноставен одговорот на прашањето за тоа што треба да се избегнува на телевизија, а причините се многу на број, затоа ќе бидам краток. Политика! Кратко и јасно, политиката е се поприсутна на македонските ТВ канали, и без разлика на политичката наклонетост на самиот медиум, сметам дека премногу ги преокупира граѓаните со информации кои се 88 отсто спротиставувачки, и се повеќе создаваат хаос наместо да пренесат, колку толку, некоја реална слика за ситуацијата.

о Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?
– Скопје можам да кажам дека е прилично застапено во нашите тв медиуми.. Дали е тоа во временска прогноза, како позадинско панорамско видео додека се известува нешто тотално неповрзано за градот, на кое место по загаденост се наоѓа и слично. За жал, се помалку се присутни информации за културните случувања во градот, а и интересни стории поврзани токму со него. Во последниве неколку години, фокусот на тв каналите се насочи кон информации за теми за кои веќе го кажав своето мислење, па ако не беа тука пишаните медиуми (печатени и дигитлни) и информациите на социалните мрежи, посетеноста на културните настани ќе беше преполовена.

о Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?
– Недостасуваат емисии за култура и уметност, без разлика дали станува збор за филм, музика, ликовни уметности и слично. За да бидат овие емисии вредни за гледачите не треба да бидат само од информативен карактер, туку и да се фокусираат на дискусии и критички осврт, во кои би гостувале уметници и критичари на уметност. Со ваков тип на емисии би се зголемил интересот на граѓаните за културните случувања во градот, а со тоа, ќе се издигне културата на повисоко ниво.