Наместо да работат, политичарите се сликаат со оние кои не тешат дека некогаш ќе влеземе во ЕУ

Што кажа францускиот амбасадор Тимоние, што објасни Елен Конве-Муре, заменик претседател на францускиот Сенат, што кажа новиот претседател на Европскиот парламент Давид Сасоли, што ќе каже францускиот претседател Макрон кога наскоро ќе се сретне со македонскиот претседател Пендаровски…? Еве, ова е главната преокупација на политичарите во Македонија. Другата преокупација им е барањето каде треба да се отиде, кого треба да се моли, за Македонија да не биде отпишана од ЕУ. Медиумите ваквата слика ја пренесоа и на скопјани… Скоро никој не зборува што треба да се одработи, што е несработено, а требало да биде веќе завршено… туку…

– Пак тргнаа да се молат по светот, додека никој од Владата не зема сериозно да работи на другите проблеми кои ја тиштат Македонија. Не е финта сега да ги гледам како се фотографираат со евробирократи кои не тешат дека ќе не примеле некогаш во ЕУ, финта е да направат вистински реформи, дециден е скопјанецот Данчо.

Целиот прв ешалон на власта како да е ставен во еден погон со цел да се поправи неодамнешниот дебакл на самитот во Брисел кога, наспроти сите најави и ветувања, нашата земја не доби датумот. И тогаш, но и потоа, посебно од француската страна ни беа кажани причините зошто тие не се согласиле околу давањето согласност за почеток на преговорите. Недоволни внатрешни реформи, посебно кога е во прашање правосудниот систем, други недонесени закони, недоволна борба против корупцијата…… беа забелешки кои отворено ни беа кажани и кои требаше да почнат да се отклонуваат. Францускиот амбасадор во понеделник ја додаде уште и потребата претстојните предвремени парламентарни избори да поминат во најдобар ред, да се донесе закон за јавно обвинителство, закон против насилството врз жените… Практично, доста задачи кои треба да се завршат. Но, дали тоа и се прави или само се чека на промената на францускиот став под влијание на други земји од ЕУ и на САД?

– Не ми е јасно зошто не го правиме она што се бара од нас. Зошто, на пример, не се носи законот за јавно обвинителство, зошто не се прават другите судски реформи, потенцира скопјанката Десанка Илиевска.

И скопјанецот Васе Колев смета дека премногу сме свртени кон странското влијание наместо самите да си ги решаваме проблемите.

– Ако ова влада работеше за својот двор и народ ќе бевме фактор. Вака, сме наведнати и странскиот фактор има преголемо значење. А јас сум убеден дека тој по секоја цена сака да не снема, смета Колев.

Наредниот период, бездруго, ќе покаже што разбрале политичарите од шамарот добиен во Брисел. Останува да се види, дали самите ќе запнат да работат и така да го подигнат стандардот на земјата со што всушност посигурно ќе не доближат до ЕУ или пак и понатаму ќе молат и чекаат да бидат примени во ЕУ без вистинско засукување на ракавите.

Не поминуваат ниту експресните закони
Истовремено, и кога се сака да се донесе некој закон тоа се прави на погрешен начин. Пример за тоа е повлекувањето на законот за опојни дроги од собраниската процедура и враќање на доработката. Причината за ова биле реакциите на невладините организации кои имаа серија забелешки, како и тоа дека немало поширока дебата за законот кој експресно се усвојуваше под европско знаменце. Случајно или не, за овој закон сега се интересирала и француска сенаторка… Едноставно, се бараат и добри законски решенија и почитување на процедури.