-Едногласно одлучивме дека е неопходно и целисходно постапката да се преотвори“, истакна судијката Александра Ристовска, на денешното рочиште на случајот „Тотрура“, за апсењето на Љубе Бошкоски во 2011 година.
Ваквата изјава на судијката беше на изненадување на присутните, меѓу кои и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и шестмината поранешни припадници на единицата „Алфа“, кои дојдоа да ја слушнат пресудата.
Судијката рече дека во целост не е јасно кој од обвинетите какво дело презел и со колкав интензитет и обем го презел, поради што неопходно било повторно отворање на постапката, поради што закажа рочиште за 8 јули.
-Во моментов постои фактичка пречка за донесување на мериторна одлука од судскиот совет. Советот смета дека е целисходно и неопходно да се реотвори главната расправа заради разјаснување на овие факти. Расправањето за овие прашања ќе биде во најкраток временски интервал, рече судијката.
Мијалков и шестмина припадници на поранешната единица „Алфа“ беа бвинети за мачење и тортура при апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година.
Денешната пресуда требаше да е четврта по ред за Мијалков. Тој е осуден за случајот „Таргет-Тврдина“ на 12 години затвор, а за „Трезор“ е осуден на осум години затвор.
Мијалков во 2019 година беше осуден на три години затвор и во случајот „Титаник 2“ за изборни нерегуларности, но Апелација го врати судењето на почеток поради суштински повреди во постапката.