Отсуството на обвинетитот Илија Спасески го одложи денешното рочиште во судскиот процес којшто се води против него поради нападот врз сограѓанинот Христијан Пендиков. Причина за непојавувањето на Спасески се здравствени причини, а судијата ги прифати наводите на одбраната и новото рочиште закажа за септември.
Бранителот Димитрија Цобоски побара од судот на неговиот клиент да му биде укината забраната да ја напушта земјата за тој да може да се лекува во странство, но судијата го одби барањето. Цобоски наведе дека Спасески има дијагноза тромбофлебит, односно воспаление на вените, поради што на Спасески му е препишана 15-дневна терапија и домашно лекување.
Агенцијата „Макфакс“ информира дека Цобоски соопштил дека Илија Спасески е дома и дека е болен.
-Со оглед на ваквата дијагноза и нарушена здравствена состојба, а бидејќи воопшто се доведува во прашање компетенцијата на нашите медицински установи за лекување на пациенти, ќе предложам времено да му се врати патната исправа на обвинетиот Спасески, за да може да побара и изврши прегледи во странство, рече адвокатот Цобоски
Судијата Бојан Мартиноски цитираше дел од извештајот кој беше донесен како оправдување зошто обвинетиот не е во судница.
Ова е второ рочиште по ред кое се одложува. На претходното, адвокатите на обвинетиот го напуштија судењето и немаше услови за негово одржување.
Охридското Обвинителството поднесе обвинителен предлог против едно од лицата за кои се смета дека го претепаа секретарот на бугарскиот културен клуб „Цар Борис“ во Охрид, Христијан Пендиков. Тој се бранел со молчење во текот на истражната постапка. Тепачката се случи на почетокот на јануари.


