Напишавме, испечативме и поделивме 4,2 милиони бесплатни весници во Скопје

ЈУБИЛЕЕН 150-ТИ БРОЈ НА „СКОПСКО ЕХО“

-Мислам дека е добро што постои еден ваков неделник бидејќи ги третира проблемите кои ги засегаат граѓаните, а тешко можат да дојдат до надлежните институции. Многу е важно што весникот е бесплатен и достапен до најобичниот човек и што вклучува мислењата на граѓаните. Би сакала уште содржини од секојдневниот живот: култура, образование уметност, спорт па и по некоја женска тема, ни порачува скопјанката Ристана Николова…

Скоро никој не ни веруваше дека „Скопско Ехо“ може да опстане како бесплатен неделник, потпрен само на редакциската решителност и на рекламите, без да клечи пред власта за субвенции или пред опозицијата за да ни прати „помош од странство“. Но, еве, успеваме, пишуваме, се печатиме во завиден тираж и нема никаква причина да сопреме со делувањето за доброто на Скопје и скопјани…

Четири милиони и двеста илјади примероци, илјадници статии, фотографии и други прилози посветени на проблемите на скопјани, простор за идеите, предлозите и ставовите на граѓаните, единствен бесплатен весник кој се доставува до нив во изминативе 40 месеци… Сето ова е содржано во денешниот, јубилеен, 150-тиот број на неделникот „Скопско ехо“ кој, како и секој четврток, повторно ќе се најде во рацете на оние заради кои е и создаден – граѓаните на Скопје. Јубилејот, навистина, е посебен и се случува во време кое се карактеризира како период на се потешко опстојување на печатените медиуми. Во таква ситуација да се подготвува, да се печати, да се дистрибуира и бесплатно да се дели печатен неделник е рамно на авантура во светот на македонската медиумска сцена и на македонското новинарство. Но, ете, случајот и приказната на „Скопско ехо“ потврдува дека и таа авантура е можна и успешна. А за тоа има повеќе причини.

Првенствено е желбата на основачите на неделникот, но и на редакцијата, на граѓаните да им се понуди квалитетен и најшироко достапен весник. Тоа значи сите граѓани, и оние со пристојни приходи, но и оние кои тешко ја обезбедат егзистенцијата, да можат да прочитаат (но и преку весникот да го дадат своето мислење) за проблемите во Скопје, но и во цела Македонија. Тоа е основата на која се појави првиот број на 26 октомври 2016 година, тоа е идејата водилка и по цели 150 отпечатени изданија во вкупно 4,2 милиони примероци кои им се поделени на скопјани. Статистички гледано, излегува дека во текот на последните 40 месеци секој скопјанец добил по седум примероци од „Скопско ехо“.

-Јас сум еден од оние кои со нетрпение го чекаат секој нов број на „Скопско ехо“ бидејќи во него наоѓам се она што ме интересира за градот. Опфаќате се што е во интерес на сите нас, вели нашиот читател Спасе Димитровски.

Неделникот постојано расте. Почна со 12.000 тираж, за сега да има просечен тираж од 25.000-30.000 примероци. Имаше периоди кога се пешатеше во 40.000 па дури и во 50.000 примероци. Своето рекордно издание го доживеа при излегувањето на јубилејниот 100-ти број кој беше отпечатен во рекордни за македонски рамки – 100.000 примероци.

Една од причините за успешноста на проектот е секако и довербата која граѓаните ја имаат во „Скопско ехо“. Впрочем токму скопјани-шитателите се највашните и главните наши соговорници за проблемите во градот., е фактот дека токму скопјани – читателите се најважните и главните наши соговорници за проблемите во градот. На страниците на неделникот, преку рубриките во кои граѓаните предлагаат идеи за проекти, преку централните теми, преку рубрики посветени на граѓанските организации и слично,  постојано се промовираат нови и нови идеи и видувања за градот.

-Сите содржини се топ, опфаќа скоро се’ во врска со проблемите на градот. Можеби треба и рубрика каде ќе има информации за тоа што е сработено или подобрено во градот. Ви посакувам само така да продолжите. На градот навистина му треба еден ваков неделник, смета скопјанката Налка Трајковска.

По три години тешка работа може да кажеме – печатените медиуми не се мртви како што некој сака тоа да го претстави. „Скопско Ехо“ ветува дека нема да дозволи згаснување на печатените медиуми иако во Македонија кубурат дури и тие кои добиваат владини субвенции.

Мал редакциски тим

Зад секој број на неделникот стои сосема мал редакциски тим кој секоја недела се грижи содржините да бидат претставени на најдобар можен начин. Со тимот раководи главниот уредник Антонио Спасев, кој е со новинарско искуство од „Фокус“, ТВ „Телма“ и „Дневник“, новинарот Бранко Ѓорѓевски, со искуство од весниците „Вечер“, „Пулс“ и „Дневник“, како и техничкиот уредник Антон Власов, кој работел во „Нова Македонија“ и во „Време“.

Голем придонес дава и цела екипа на дистрибутери кои заедно со главниот уредник, секоја среда навечер, почнуваат со делење на весникот низ градот.

 Власта упорно не ни доделува државни субвенции

„Скопско ехо“ воопшто не добива субвенции од Владата наменети за помош на печатените медиуми. Дури 700.000 евра во 2018 година дадоа на 11 печатени медиуми, а за ланската 2019 година неодамна се исплатени 710.000 евра на 12 медиуми, но повторно не и на нашиот неделник.

Министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски изјави дека немало никаков начин на селективност.

Финансиска поддршка е доделена на сите печатени медиуми кои ги имаат исполнето сите обврски кон државата и кон вработените, рече тој.

Но, и покрај фактот дека и „Скопско ехо“ ги исполнува сите обврски кон државата и кон своите вработени, субвенциите изостанаа. Со парите кои ние ги уплаќаме како данок се финансираа нашите конкуренти. А нам ни останува да ги спасуваме печатените медиуми.