Напорните тренинзи не донесоа на европски врв во балетска Москва

Да се учествува за првпат на Европскиот шампионат во танц и веднаш да се освојат три први места, едно второ и едно трето место навистина не може, а да не е голема работа. Посебно доколку тоа се прави во конкуренција на учесници од дури 22 држави кои имаат значително подобри услови за усовршување на нивните танчери. Но, и тоа не било хендикеп за нашите три ѕвезди од овој натпревар кој недомана се одржа во руската престолнина Москва. На крајот, трите млади танчерки кои имаат од 10 до 12 години, Антонија Анастасова, Зорица Тасевска и Нина Димитриоска среќни и горди се искачуваа на победничкиот пиедестал каде ја слушаа македонската химна и гледаа како се крева македонското државно знаме.
Тие заедно успеаја да освојат две први места: во дисциплина акробатика и во џез балет. Успехот да биде поголем се потрудила Антонија, таа била најдобра од сите кои се натпреварувале во категоријата модерен балет, а потоа освоила и второ место во класичен балет и трето место кога натпреварувачите настапувале во рамките на соло-актобатско натпреварување.
-Навистина имаше силна конкуренција и беше многу напорно. Но, на крајот, вредеше. Беше напорно оти се вкупно траеше два дена. Но, ми се допадна прекрасната организација и тоа што имаше натпреварувачи од многу држави, ни рече Антонија која е ученичка во ОУ „Јан Амос Коменски“.
На часови по балет во „Арт балет“ таа почнала да оди уште кога имала пет години. Во ова студио уште вежба, но истовремено оди и на часови во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“. Антонија зад себе има бројни натпревари ширум европските земји: Германија, Австрија, Русија, Романија, Италија… На сите нив досега освоила дури 50 медали и пехари.
-Го сакам балетот, уживам кога го вежбам. А пред секој натпревар се подготвувам напорно за да го достигнам мојот балетски идеал Маја Плисецкаја. Инаку, се надевам дека еден ден ке го продолжам училиштето во некоја од светски познатите балетски метрополи, ни открива Антонија.
И Зорица Тасевска, која е ученик во ОУ „Војдан Чернодрински“ е среќна што во Москва била дел од тројката која освоила две први места.
-Конкуренцијата беше тешка, но дадовме се од себе. Имаше и што да научиме и да видиме таму од другите натпреварувачи. И јас многу го сакам балетот, најмногу заради тоа што е многу убав и елегантен. А мене дополнително ми се допаѓа тоа што играм заедно со моите другарки, вели Зорица која се уште не е сигурна дали и во иднина ќе му се посвети на балетот.
И Нина Димитриоска е презадоволна што триумфирале на вака тежок натпревар.
-Досега имам учествувано на многу натпревари во Виена, Келн, Прага, Римини, Атина… но ова беше нешто посебно. Конкуренцијата навистина беше многу силна. А морам да кажам дека сум среќна и заради мојата баба. Имено, покрај Александра Мијалкова, мои балетски идоли се и две големи руски балерини Ана Павлова и Нина Кирсанова. Мојата баба Гордана лично се познаваше со Кирсанова и драго ми е што ова се случи во Москва, ни рече Нина.
Трите балерни сега повторно им се вратија на тренинзите. Трипати неделно, повторно вежбаат, повторно се обидуваат да научат нешто ново, да напредуваат. Оти се свесни дека ги чекаат нови натпревари во кои конкуренцијата станува се посилна и посилна.

Спој на упорноста и на талентот
Нивната балетска учителка Тамара Ѓурчиновска од „Арт балет“ ни вели дека се работи за големи балетски таленти.
-Сите три имаат убава балетска иднина доколку се решат целосно да и се посветат на оваа уметност. Тие се подготвени да вежбаат упорно, а кога тоа ќе се искомбинира со дарбата за танцување тогаш успехот е гарантиран. Јас ќе го пренесам сето мое знаење на нив, а тие сами ќе решат до каде ќе стасаат во балетот, ни рече Ѓурчиновска.