Направи ли Османи инспекција и за употребата на македонските симболи и јазик во општините каде владее ДУИ?

Кога министри глумат инспектори

Mинистрите во Македонија ги бива за се. Се сеќаваме како одеа во даночни контроли со инспекторите, како упаѓаа по болници за да откријат дали дежурните лекари ноќе спијат… Сега еве, Бујар Османи ја надополни таа долга листа на нивно „работење“, утврдуваше дали таблите на државните институции се напишани како треба. Седна тој во автомобил и ни вршеше директен пренос, како еден вицепремиер за европски прашања бара смена на табла оти не е двојазична. Дали тоа веќе влеговме во ЕУ па сега и ова треба да се доработи? Или и тој е експерт по политички маркетинг? Сепак скопјани сакаат одговор на едно друго прашање: дали вицепремиерот Османи ќе продолжи да прави вакви инспекции и во општините каде Албанците се мнозинство и да провери дали таму се постапува по законот?

-Мене сега ме интересира дали Османи ќе ги посети и сите општини во кои Албанците се во мнозинство и ќе утврди дали и таму се почитува двојазичноста. Дали таму се надгласуваат Македонците без да се почитува Бадентерово мнозинство? Може да види и сајтови на ваквите општини на кои веднаш се забележува дека употребата на македонскиот јазик не е адекватна и рамноправна, ни вели скопјанката Ана Петровска.

Ова е само дел од работите кои скопјани му предлагаат на вицепремиерот за инспекторство.

-Често патувам од Скопје за Куманово по стариот пат, преку Арачиново, Никуштак, Черкези… Таму со децении не сум видел македонско знаме во било каков формат, а камоли во поголем формат од останатите како што бара заканот. Во Арачиново никаде немам видено фискална каса. Значи, има флагрантно кршење на законот, смета граѓанинот Бене Илиев.

Постапката на Османи е дочека со подсмев, но и револт и на социјалните мрежи. Имаше многу реакции за неговата политичка дволичност. Една од најдиректните реакции дојде дури и од редовите на колицискиот партнер СДСМ, од Замир Мехмети кој е советник на генералниот секретар на партијата на Заев.

-Убаво е тоа што вице премиерот за европски прашања оди во инспекција по институции за да види дали се спроведува законот за двојазичност. Ќе беше уште поубаво ако текстот со видеото беа преведени и на македонски, пошто нели се залагаме за спроведување на закон. А најубаво ќе беше и да отидеше до Мала Речица за да побара конечно да биде поставено државното знаме, а не вака селективно да брка ситни политички поенчиња, му порача Мехмети.

Колку и да е контроверзен потегот на Османи, една работа испадна добра – даде повод да се тргне во вистинска контрола, дали се почитуваат некои чуствителни закони кога е во прашање соживотот. Еве нека тргне вистинска инспекција насекаде, а тогаш, ако сака и Османи нека се прошета со нив (оти очигледно има време на претек), и не мора тогаш на телефон да се јавува и да инсистира да се почитува законот. Само нека ги остави инспекторите непречено да работат…