Направивме антибактериски масла, природна маст за рани и постелнина што се мести за 2 секунди

Етерични масла кои ќе се користат за лекување на рани, изгореници и кои ќе имаат дејство како антибиотици но нема да создаваат и отпорност на микроорганизмите кон нив. Маст изработена од екстракти на билки кои помагаат за лекување на разни видови дерматит на кожата без никакви несакани ефекти. Постелнина за кревет која што се мести само за две секунди… ова се три иновации зад чии проекти стојат шестмина талентирани ученици од приватното средно училиште „Јахја Кемал“, а кои неодамна добија вредни признанија на меѓународниот натпревар на иновацииво Загреб. Матурантите на природно-математичкииот смер Димитар Димески и Ајше Сена Теккојун добија златен медал за антибактериски етерични масла, исто одличје добија и учениците од втора година Давид Гошевски и Јана Мајнова за антидерматитис маст, додека нивните врсници Деа Рајхл и Умит Узунбој добија сребрен медал за својот изум за креативна постелнина. За целиот успех заслуги има и нивната менторка, професорката Сабире Алкин.
Талентираните ученици не го криеа своето задоволство од постигнатиот успех. Велат, главна мотивација им била да им се помогне на луѓето со намалувањето на проблемите кои досега ги имаа со веќе познати средства и начини. Димитар и Ајшесена ни кажаа дека инспирацијата ја добиле од постарите членови на семејството кои подолго време користат етерични масла за лекување рани, убоди, изгореници, но и студиите за отпорноста кон антибиотиците.
– Извлековме наша хипотеза дека тие масла можно е да имаат антибактериски ефект. А како има зголемена резистенција и злоупотреба на антибиотиците се обидовме да пронајдеме друга супстанца која е поприродна. И таа ќе има антибактериски способности, која нема да предизвика штета на организмот. Ние направиме таква комбинација на масла кои имаат антибактериски ефект. Се уште немаме истражено на кој начин би се употребувало, но претпоставуваме дека за внатрешни инфекции би се користеле орално, а за надворешни со директно нанесување на етеричното масло врз воспалените/инфицирани делови, ни објаснуваат Димитар и Ајшесена кои се надеваат дека благодарение на тоа ќе се намали употребата на антибиотиците.
Давид и Јана, пак, сами направија маст која помага при најразлични оштетувања на кожата. Ги мотивирало што многу луѓе имаат проблеми со кожата – црвенило, лупење…, а на пазарот се понудени само дерматолошки препарати кои содржат разни хемикалии и кои представуваат уште поголема опасност за оштетената кожа.
– Користевме екстракти од билки кои растат во еколошки незагадените делови на Малешевските планини. Таа е 100 отсто природна и ќе помогне во лекувањето на разни видови дерматит, без никакви несакани ефекти. Ова е еден стимул за луѓето од фармацевската индустрија да понудат на пазарот нови дерматолошки препарати коишто нема да содржат хемикалии, односно да бидат на природна основа и со органско потекло, а воедно несаканите ефекти да бидат сведени на минимум, потенцираат тие.
А благодарение на изумот на Деа и Умит за „Креативна постелнина во собата“, за што беше направена и посебна макета, луѓето би заштедиле 30 дена од својот живот.
– Местењето на нашиот кревет е првото нешто што треба да биде направено наутро, а повеќето од нас го прескокнуваат овој дел од утрото. Нашата постелнина ви го олеснува тоа, а најдобрата работа е што ќе сочувате дел од вашето време затоа што ќе ви требаат само 2 секунди да го завршите овој здодевен чин. Кога се ќе собереме сочувуваме месец дена од нашиот живот, потенцираа двајцата таленти.

Уште ќе се слуша за нивните успеси
Нивната менторка – професорката Сабире Алкин ни рече дека успехот беше очекуван по нивната напорна работа.
– Во нив се крие огромен талент, а тие заедно со своите партнери, родители и ментори непрестано го развиваат. Ова не е прва награда во нивната низа на успеси како и на нашето училиште. И не застануваме тука, веќе започнавме и вредно работиме на нивните следни проекти. Ова се наши ученици со големи амбиции. Уште ќе се слуша за нивните успеси, ни рече таа.