Напуштањето на татковината веќе не е семејна драма

Колумна на Владимир Величковски:   

На ден на чествувањето на „Св. Кирил и Методиј“ во Рим (со одбрана партиска дружина) ја слушнавме радосната вест за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА од страна на СПЦ (очекувајќи ја содржината на томосот) и која за нас има значење на силна идентитетска потврда, доживувајќи ја како зрак светлина во овие тешки и мрачни времиња. Источниот сосед ги извади црните „аргументи“ од минатото и се дрзна (членка на Европската унија) да ни  ја крои историјата и идентитетот, а за македонски јазик дека произлегува од бугарскиот !? Со грд и агресивен настап, како уцена го изнесува барањето бугарското малцинство да биде внесено во македонскиот Устав, како конституивен народ априори отфрлајќи го прашањето за многу побројно онеправдено македонско малцинство во Бугарија. Нашата дипломатија направи неколку клучни грешки во преговорите (преходно со Преспанскиот договор) со Бугарија прашувајќи се што сега значат прокламираните критериуми за владеење на правото и демократијата?

Нема праведна војна кога носи големи разурнувања и тешки хуманитарни последици, а притоа нема ниту една „чиста“ страна на судирот. Во овој стеснет свет полн со омраза и манифестирање сила, воена, економска и политичка сосем незначителна е улогата на уметноста која не познава граници. Сепак, ќе се потсетиме: Казимир Малевич е роден во Киев, во полско семејство, и се прослави како една од клучните личности и уметник во светски признатата руска авангарда. Како е можно, во ова столетие, меѓу другото, да се блокираат и одделни уметнички вредности и културни достигнувања на другата „непријателска“ страна?

Во секој сегмент од животот во „нашата“ поделена и растурена држава се чувствува глобалната и сопствената криза во сите можни аспекти. Во текот на повеќе од триесет години систематски се спроведува руинирање на сите темелни институции и вредности на општеството втиснувајќи ги во луѓето чувството на безизлез. Секако, во време на „лошиот“ социјализам се живееше многу посигурно, со грижа за другиот но и поевропски, а денес ни преостана живот во нем страв и повлеченост на македонските „човечиња“, што значи неактивност и рамнодушност. Се етикетираат како комуњари и предавници, некои пишуваат за „комуњарска уметност“, а јас не знам што значи тоа. Партиите имаат моќ на владеење со своите кутри „верници“ кои, пред се, сакаат да живеат поудобно или да напредуваат во својата професија. Другите, образовни млади луѓе ја напуштаат татковината, чин кој сега не предизвикува семејна драма. Нема град и помало место во земјата во кои не се чувствува нарушување на животниот амбиент и квалитетот на животот кој страда од неконтролирана бетонизација, депониите, загаденоста во сите форми и аспекти.

Како може да се биде рамнодушен пред лошите состојби во Охридско-струшкиот регион и фактот дека луѓето одат да се лекуваат во Вевчани? Големото повлекување на водата во Преспанското езеро е силна опомена за можна еко-катастрофа. Не сме способни да го решиме загадувањето во Кочани, особено во Тетовско-гостиварскиот крај во кој, како и секаде владее партиски башибозук. Или: доаѓаат во Скопје за да можат да го мразат одблизу. Некои дури и го сакаат Скопје 2014! Добра идеја е да се подигне Музеј на маската, но дали баш на плоштадот во Струмица!? Факт е дека секоја партија има свои советници, како и свои новинари и медиуми до неразумност зошто не се гледа што добро направиле. Што е разликата меѓу мал и крупен криминал? Како може да се чувствува еден обичен или нормален човек кога дозволивме да не понижат до овој степен и да не направат целосно зависни од западните моќни центри?

Лошото образование не создава самосвесни критички формирани личности туку ни уфрла увезени „вредности“ или некаква „критичка култура“ која нема позначително влијание. Дали имавме еден добро изведен протест, а денес сите протестираат, без исклучок. Некој македонското Собрание го нарече Храм на демократијата и веројатно се шегувал! Слушаме за современо граѓанско општество, како и за примена на нови алатки за луѓето да се учат на емпатија и комуницирање, за најсоодветен избор на сопствениот „пат во животот“, но што можеме да оствариме?

Ден е на „социјалните работници“ што помина (вообичаено) со самофалби на корумпираните институции. Во оваа мала земја на многу трпеливи луѓе и кога се понижени може да се најде некое мирно катче и да се ужива во лирските творби на изворната традиција. На некои „заинтересирани“ им смета во текст или усно изговорениот збор македонски, особено поимот Македонија! Тоа е, секако, нивна работа а моја е да го изразам восхитот од бравурозните минијатури изведени од пијанистот Симон Трпчевски и групата „Македонисима“. Браво мајсторе! Убаво чувство е кога ќе видите група ученици како во дворот на Детскиот ликовен центар ги цртаат и бојат своите соништа. Уште еден момент (секојдневно практикуван) во животот: нашите возачи со забележителна вештина, разговарајќи на мобилен, можат брзо да ја фатат кривината, безбедно, а тое не е казниво: каков совршен ред во хаосот, а природата се буни како да го чувствува немирот во луѓето!

Претходна вестСе чествува празникот на Свети Константин и Елена
Следна вестНови пукања во САД: Маж уби две жени на паркинг пред црква во Ајова, две лица ранети на гробишта во Висконсин