Напуштените куќи ем се вежбални за крадците, ем го нагрдуваат градот

Веќе од првата глетка се забележува дека некогаш била една од поубавите куќи на Водно. Но, сега веќе не е така. Во неа со години не живее никој, а таа е оставена сама да пропаѓа. Времето, но најверојатно и крадците си го направиле своето. Прозорците и се искршени, фасадата се рони и распаѓа, во дворот веќе израснале диви треви, грмушки и големи гранки така што почнуваат и да ја загрозуваат куќата, но и околината. Ова куќа на улица „Ацо Караманов“ бр. 1, веднаш зад ОУ „Кочо Рацин“, и е само една од десетиците стари и напуштени куќи во градот. Ги има речиси насекаде и заедничко им е што се празни со децении и за нив никој не се грижи. Некои имаат и сопственици, но и тие дигнале раце од нив. Причините зошто куќите се оставени се најразлични – некои семејства згаснале, некои се иселиле во странство и веќе никој не се интересира за нив, за некои има семејни недоразбирања околу наследството… На крајот, резултатот е тој што голема вредност каква што е куќа во Скопје е оставена да пропаѓа, а тоа прави грда слика за градот.
-Навистина не знам ништо за куќава, чија е, и зошто е оставена вака да пропаѓа. Штета, таа би можела да се искористи за разна намена. Но пред се ми пречи што куќава ја нагрдува околината, ни вели еден сосед кој сакаше да остане анонимен.
И не само тоа, туку таквите куќи брзо стануваат запустен простор, место кое се претвора во депонија од собирачите на отпад, собиралиште на зависници од дроги… Едноставно кажано, ваквите куќи стануваат проблем за околината, за соседите, но и за општината.
Нешто подалеку, во блиската улица „Загрепска“ наоѓаме две куќи кои се оставени сами на себе. Едната, пониска и стара градба, веќе не се гледа од големите и непоткастрени стебла на неколкуте дрва во дворот. Гранките веќе ги допираат покривите на соседните куќи а дивите треви почнаа да се шират на улицата. Соседите ни велат дека разбрале оти сопственичката живее во странство и дека ретко доаѓа.
-Знаеме дека ја продава, но бара голема цена и никој не сака да ја купи. Ваквите куќи стануваат проблем. Можеби би требало општината да се заинтересира за вакви случаи: да почне да ги откупува или нешто друго да прави во договор со сопствениците, доколку се познати. Вака, секој губи и сопственикот и општината на која и се нагрдува јавниот простор, ни рекоа неколкумина жители од оваа улица.
Блиску до оваа куќа стои и една која е недоизградена. Причината за незавршувањето биле семејни недоразбирања. Додека тие не се расчистат, јавниот простор пак се нагрдува оти за околниот простор никој не се грижи.
Десетици куќи стојат запустени и во Ново маало и во Маџир маало. Напуштената куќа кај Железничката станица откако со месеци служеше како депонија за собирачи на отпад, пред две години беше и запалена.
-Старите куќи во Скопје како што се приватен интерес на сопствениците, треба да бидат и јавен интерес на граѓаните изразен преку општините на градот Скопје. Тие куќи многу пати се и прави бисери на скопската градба од почеток на 20-ти век. Институциите би требало да направат категоризација на објектите, како по значение така по нивната конструктивност; и да се даде предлог за нивната примена во градот, смета архитектот Благоја Марковиќ.
Во Јапонија евтино се продаваат напуштените куќи
Заради фактот што таквите куќи се во приватна сопственост, општините или Градот Скопје не можат да преземат ништо. Но, тука се поставува прашањето на јавниот интерес да се има уредена општина и да се обезбеди непречен живот на сите граѓани. Јапонската влада, не пример, минатиот месец почна програма со која подарува или по ниски цени продава околу осум милиони напуштени куќи ширум земјата.