Народен правобранител: Учебници недостасуваат или се оштетени, недоволна грижа за ментално здравје на учениците…

Недостиг од учебници или користење оштетени во наставата, недоволна грижа за менталното здравје на учениците, немањето образовни асистенти за учениците со попречености во средните училишта и влијаниаето на енергетската криза врз работата на училишта се нотирани во Информацијата на Народниот правобранител за констатираните слабости при остварувањето на правото на образование и спроведувањето на воспитно-образованиот процес во основните и средните училишта во земјава, која е доставена до Министерството за образование и наука.

Во информацијата се наведува дека учениците кои посетуваат настава во прво, второ, четврто и петто одделение информираат дека немаат добиено комплети печатени учебници за сите наставни предмети согласно наставниот план и програма. Тоа укажува дека учениците од овие одделенија ја започнаа учебната година со материјали за учење во печатена форма, во кои се обединети содржини од неколку наставни предмети.  Народниот правобранител го нотираше и немањето учебници по наставниот предмет Англиски јазик и оваа учебна година, па наместо користење  учебник, според наводите, наставниците и учениците се служат со извадоци од постари учебници и други извори на материјали согласно наставната програма.

-Учениците се жалат дека дополнителен проблем им претставува тоа што најголем дел од добиените учебници се сериозно оштетени, до степен на неупотребливост, поради што родителите се изложуваат на трошок да ги печатат електронските верзии на учебниците, се наведува во информацијата.

Извештајот се осврнува и на трагичниот настан во гимназијата „Р.аде Јовчевски Корчагин“ – Скопје, за кој вели дека  сериозно ја потресе јавноста и отвори многу прашања грижата за менталното здравје на учениците.

-Мал број ученици имале поддршка од страна на педагошко-психолошката служба, и во мал број на училишта се одржале предавања на тема подобрување на психолошката добросостојба. Училиштата, покрај воспитно-образовната дејност, даваат клучен придонес во емотивниот и конгнитивниот развој на децата и имаат значајна улога во општествениот развој и промените. Следствено, вработените во училиштата, наставниот кадар и стручните тимови, со оглед на значајната улога во процесот на заштита на децата, на потребите и грижите на децата потребно е да им пристапуваат чувствително грижејќи се за нивните права, приватност и достоинство, се наведува во Извештајот.

Претходна вестЧас паркирање во центарот на општина Центар ќе биде 100 денари
Следна вестУтре стартува мултимедијална манифестација „КИЦ АРТЛЕНД“