Народната банка ја задржа основната каматна стапка на нивото од 6,30 отсто

Монетарната политика треба да остане затегната и со тоа, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30 отсто, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20 и 4,25 проценти, соодветно. Ваква одлука донела Народната банка на Македонија на вчерашната седница на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија.

-На седницата беше оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата. И натаму се очекува дека тековното ниво на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и за задржување на стабилноста на девизниот курс. Притоа, последните промени кај инструментот задолжителна резерва, чија примена започнува од јуни, обезбедуваат дополнителна поддршка за прудентноста на монетарната политика, се нагласува во соопштението на НБМ.

Се додава дека главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика беше ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа.

-Инфлацијата во мај 2024 година умерено забрза и изнесува 4,5% на годишно ниво, при позитивен придонес за растот како од базичната инфлација, така и од останатите компоненти. Сепак, динамиката на инфлацијата во мај не отстапува од патеката на движење предвидена во рамките на пролетните проекции на Народната банка. Според овие проекции, за целата 2024 година се очекува просечна инфлација од 3,5 отсто. Во однос на цените на примарните производи на берзите, најновите прогнози се ревидирани умерено нагоре, односно се очекува нивен помал пад оваа година, а нестабилниот геополитички контекст и натаму создава неизвесност и нагорни ризици за следниот период. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на монетарната политика, се потенцира во соопштението.

Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во јуни беше донесена одлука за намалување на основните каматни стапки за 0,25 п.п., во согласност со очекувањата на пазарите. Притоа, ЕЦБ нагласи дека и покрај намалувањето, со новото ниво на каматните стапки сè уште се задржува затегнатоста и претпазливоста на монетарната политика.

-Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на мај изнесува 4.293,6 милиони евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на девизниот пазар и натаму се поволни и придонесуваат за интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годината, при солиден прилив на девизи и на менувачкиот пазар. Економскиот раст во првиот квартал на 2024 година малку забрза, во согласност со проекциите на Народната банка, но поумерено од очекувањата. Реалниот раст на домашната економија изнесува 1,2% на годишна основа, при натамошен раст и на квартална основа. Општо земено, најновите остварувања кај макроекономските показатели засега се близу до очекувањата од последните проекции, но условите за водење на монетарната политика и натаму се неизвесни. Потребно е натамошно внимателно следење на динамиката и факторите кај инфлацијата, како и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата, вклучително и на пазарот на трудот, наведуваат од НБМ.

 

Претходна вестГрад Скопје: Со новите специјално адаптирани моторни возила до полесно движење на децата и лицата со попреченост
Следна вестМицкоски: Нашата цел е за првите 4 години од нашиот мандат да допреме до 400.000 домаќинства