Народот не ги препознава добрите визии и работа на СДСМ и ДУИ?

Maкедонија е во континуирана криза подолг период. Кризира здравството, образованието, судството, енергетиката, економијата, надворешната политика… ама министрите (сосе премиерот) уверуваат дека ја водат земјата во добар правец. Што мисли народот, се движи ли Македонија во добра и вистинска насока?

Граѓаните преку анкетата на ИРИ беа јасни: Само 13 отсто од нив одговориле дека земјата се движи во вистинска насока, додека дури 58 проценти одговориле дека државата се движи во погрешна насока. 

Е како е можно толку голема разлика во мислењето на Владата и граѓаните. Кој греши во проценката?

Убеденоста на граѓаните дека земјата оди во погрешен правец е во длабока колизија со она што во последново време го кажуваат македонските функционери, посебно премиерот Димитар Ковачевски и министерот за европските интеграции Бојан Маричиќ. Тие во низа на свои изјави се категорични во тоа дека земјата е на вистински пат.

-Дозволете да побарам и во исто време да понудам убеденост дека конечно тргнавме напред, за да продолжиме многу побрзо. Ова време треба да даде простор и поддршка на знаењето, на чесните и конструктивни граѓани, кои бескопромисно си ја сакаат државата. Ова е време, шанса конечно да ја средиме државата, повика неодамна во Скопје претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.

Слична убеденост дека земјата ја водат по вистиснки пат искажува и вицепремиерот Бојан Маричиќ.

-Ја нормализиравме државата и ја вративме на европскиот пат, денес достоинствено чекориме кон ЕУ…., Владата предводена од СДСМ носи исправни одлуки и политики и ја менаџира кризата за полесно да се преброди зимата и да се зачува стандардот на граѓаните, рече Маричиќ на партиска трибина.

Граѓаните преку анкетата јасно кажаа што мислат за ова. Преполни се и социјалните мрежи:

-Македонија ја претворија во понижена земја. И од внатре и од надвор кој посака и наредува и ја уценува државата. Плус образованието го срозаа, а во економската криза немаат решенија. Земјата оди кон полошо, е една од многуте реакции на интернет.

Но, сепак кога ќе се слушнат честите уверителни изјави на владините функционери се наметнува прашањето: дали всушност народот не успева да ги препознае добрите визии и напори на министрите од СДСМ и ДУИ?

А друго е пак прашањето – што министрите препознаваат во јасното укажување на мнозинството од граѓаните дека Македонија оди во погрешен правец? 

Претходна вестТеатар „Пи“ од Скопје освои две награди на софиски фестивал
Следна вестДоктор Беќаровски опоменува: Опасна диета се шири кај скопските девојки, неколку завршиле на токсикологија