Народот се храни со емисии за готвење

Колумна на Владимир Величковски:

Македонија испиша повеќе црни страници во својата историја, со дисконтинуитет во развојот на културата, во добар дел со помош на моќници од други земји. Најновиот период е во знакот на беда и сиромаштија, иако може да се забележи извесно живнување на културен план. На сцената во мошне кревката демократија стапија делби, лаги и хипокризија, бездушен грабеж на секого. Луѓето се повлечени и апатични. Младите се збунети, емигрираат за да опстанат но и да се остварат во професијата. Видовме каков е резултатот од забрзан развој, а сега се бараат брзи избори: станува збор за безочна страст да се грабне власта. Провладува личниот интерес пред општото добро: власта е горе, а народот долу, понижен во сенка, важен само кога е партиски врзан. Подлите игри и пазарења станаа дел од политичкиот живот: бројките станаа важни и во Собранието. Постои закон на партијата, а не правда според законот, врзана за партиската поделба на владеење со одделни институции. Донирај за да те остават на мира, дури и да добиеш разни привилегии и правда за себе.

Што ќе се случи со најавената (лошо смислена) „голема реформа“ во образованието!? Здравствената пандемија создаде големи проблеми, меѓутоа, факт е дека повеќе факултетски предмети исчезнуваат: не се назначуваат асистенти како и нови професори. Што се случува? И децата (како и се друго) се средство за протест против деструкција на возрасните! Што ќе се случи со промената на власта? Судејќи според платената политичка програма – ништо, можеби и полошо. Во секоја институција, според коалициски пресметки има прекубројни вработени, нестручни и некомпетентни кадри: Македонецот е принуден да се пише Албанец за да добие работа или обратно. Балканот е се уште „буре барут“, меѓутоа и развиените земји не се некој добар пример, иако учевме на европски вредности и постигнувања. Факт е дека се втопивме во сивило и едноличност: се роди поим „култура на корупција“ и зошто тогаш не би постоел и поим како „култура на (симболичниот) Ќосето“ итн?

Немаме вистински водач, туку нешто како „Слепиот ги води слепите“ (наслов на слика од Бројгел). Како во „записи од подземјето“ на Достоевски. Народот се храни со сеприсутните турски серии, со емисии за готвење вкусни македонски јадења (за да ни ја развијат инагинацијата), со некакви дебатни емисии и пристрасни аналитичари кои ги ловат само грешките на другите итн.

Попатно забележав табла со текст: Штип – Сити мол – објект во изградба. Во Струмица се гради конфекциски, но има и нови, убаво уредени продавници, пазарот е покриен со модерна градбаа направен е подвозник во центарот. Се друго е по старо. Крива Паланка му одава почит на Димитар Стојчевски, првиот академски сликар – експресионист, заслужен за формирање на позната ликовна колонија „Св. Јоаким Осоговски“. Во Младинскиот културен центар во Скопје, во кој беа изложени плакати на тема „Ковид 19“, поставена е изложба за македонската анимација од 70 и 80-тите години на 20 век чии дела се забележани и надвор од „југословенски уметнички простор“. Тоа се Д. Марковиќ, П. Глигоровски, Б. Пејчинов, А. Маровиќ, Д. Михајлов, С. Игњатовиќ…

Претходна вестВремето денес сочево и топло, од утре следат големи промени
Следна вестУбедливи победи на Еуро Никел и Академија ФМП