Населението на Кина се намали за првпат по 1961 година

Популацијата на Кина се намали за првпат во последните 60 години, додека стапките на новородени се на рекордно ниско ниво – 6,77 новородени на 1.000 луѓе. Населението во 2022 година, кое изнесуваше 1,4118 милијарди се намалило за 850 илјади во споредба со 2021 година, пренесе ББЦ.

За споредба во 2021 година САД имале 11,06 новородени на 1.000 луѓе, додека Велика Британија имала 10,08 новородени на илјада луѓе. Истовремено, природниот прираст во Индија, државата која наскоро ќе ја престигне Кина како најнаселена држава во светот имала 16,42 новородени на 1000 луѓе.

Природниот прираст на Кина се намалува со години, што предизвика воведување нови политики за да се забави овој тренд.

Сепак, седум години по напуштање на политиката на „едно дете“ државата влезе во фаза која еден кинески функционер ја нарече „ера на негативен природен прираст“.

За првпат во 2022, бројот на починати ги надминало бројот на новородени лица во Кина. Земјата регистрирала највисоко ниво на смртност од 1976 година – 7,37 смртни случаи на 1.000 луѓе.

– Овој тренд ќе продолжи и веројатно ќе се влоши по коронавирусот. Високото ниво на младинска невработеност и слабостите во очекуваните приходи може да ги одложат дополнително плановите за бракови и раѓање деца, што уште повеќе ќе ги намали бројките на новороденчињa, објаснува Ју Су, економист од Одделот за анализи на магазинот Економист.

Демографските трендови во Кина низ годините генерално беа моделирани низ контроверзната политика „едно дете“, која беше воведена во 1979 година за да се намали растот на населението. Семејствата кои го прекршуваа ова правило добиваа казни, а понекогаш дури и остануваа без работа. Во култура која историски ги фаворизира машките повеќе од женските деца, политиката често водеше кон принудни абортуси и целосно го наруши родовиот баланс од 1980-тите години наваму.

Политиката „едно дете“ беше напуштена во 2016 година и паровите кои се во брак добија дозвола да имаат две деца. Последниве години кинеската Влада дури нуди и даночни олеснувања и подобра здравствена заштита на мајките како бенифиции со цел да се смени, или забави падот во бројот на новородени.

Претходна вестЛука Дончиќ загуби судски спор од сопствената мајка
Следна вестСо моите иновации се фокусирам на тоа животот на човекот да се олесни