Нашите телевизии не се инвентивни, а со тоа и не се интересни, тенденциозни се

Светлана Петковска, активистка во невладиниот сектор во Битола, во интервју за бесплатниот неделник „Македонско Ехо“ посочува дека е незадоволна од квалитетот на телевизиската понуда и има конкретни предлози како таа да се подобри.

 Што им препорачувате на граѓаните да гледаат на телевизиските програми и зошто?

 Mногу ја сакам телевизијата како медиум. Гледам, слушам се што се случува на екранот во моментот. Но, многу слабо наши телевизии, од неколку причини: не се инвентивни, а со тоа и не се интересни, тенденциозни се. Ако земете да свртите по нашите канали да речеме наутро, скоро па секаде ќе наидете на утрински копи-пасте емисии, вклучивања на граѓани на теми кои ништо не значат, нема никаков едукативен карактер. Сум од таа генерација која во се бара доза на едукација. Друга причина е таа што на нашите телевизии никаде не се негува македонскиот јазик, многу од водителите не си го почитуваат јазикот воопшто. Трета причина е лошите снимки, по се изгледа поради лоши камери. И тогаш, гледањето ТВ прераснува во моја нервоза и тешкотија, а не релаксација, комуникација и едукација. Најмногу од се би ги препорачала хрватските програми од кои може да се научи и новинарство, инвентивни се и ги следат светските движења.

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

есто се прашувам зошто нема емисии кои би го обработувале животот на наши иселеници во странство. Ама темелно. Генерациите кои заминале пред 100 години (нивните наследници), генерациите кои заминале пред 50-тина години и најновите преселби од овој век. Нека тоа бидат „Македонски приказни од зад граница“, ете и готов наслов за ова. Тројца новинари, по еден за Австралија, Европа и Америка со Канада да прават убави приказни за нашите луѓе во странство. Секој би гледал еден таков проект. Бенефитот од таквите емисии би бил повеќекратен и за нас, но и за нашите во странство. Друга идеја која би сакала да се прифати е зголемена минутажа на емисии во кои ќе се обработува македонската песна, не само народната, туку и македонските шлагери од минатиот век. И трета, емисии за нашите манастири. Нека се вика „Манастирски приказни со манастирски ручек“, нека се обработи местоположбата на секој манастир и значењето на светецот кој го носи името на тој манастир. Секако, во соработка со МПЦ.

Дали вашиот град Битола е доволно застапен како тема на македонските телевизии?

– Секако дека треба Битола и битолско да биде позастапен во ТВ програмите. Не само преку своите дописници. Уредништвата на телевизиите треба што почесто да испраќаат екипи на терен (знам дека средствата за вакви излети се секогаш ограничени), но само така ќе се крева гледаноста. Низ нашиот град и општините кои гравитираат кон Битола (Новаци, Могила, Демир Хисар) има толку неоткриени нешта околу кои можат да направат емисии.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?

– Нека избегнуваат се она што не им се допаѓа. Факт е дека многумина од нас, гледањето на ТВ го сведуваат на титлувани серии и квизови кои се се само не квизови. Потоа следува прераскажување на истите во своето окружување и така до бескрај. Би препорачала никако да не гледаат програми на кои не се говори македонски јазик. Тука пред се мислам на акценти и сленгови од (ново)скопското говорно подрачје, кое за жал го донесуваат пред се жени-водителки, новинарки и учеснички во програмите. Кај машкиот дел од новинарите ова е понезабележливо.