Наскоро во Кинотека на Македонија 4 филмови на режисерот Кирил Ценевски

„Црно семе“, „Јад“, „Оловна бригада“ и „Јазол“ се четирите играни долгометражни филмови на режисерот Кирил Ценевски, кои ќе бидат прикажани во Кинотека на Македонија на 22 и 23 март. Поводот за прикажувањето е тоа што филмовите се дигитално реставрирани и објавени во комплет на ДВД.
Редоследот на прикажувањето оди по следната хронологија: на 22 март од 18 часот на репертоарот е “Црно семе”, снимен во 1971 година, според романот на Ташко Георгиевски. Од 20 часот истиот ден е и проекцијата на “Јад” од 1975 година, за кој Ценевски е и автор на сценариото.
На 23 март од 18 часот е уште еден филм за кој режисерот Ценевски го напишал и сценариото – “Оловна бригада” од 1980 година, а од 20 часот, публиката во Кинотека ќе може да го види и дигитално реставрираниот игран филм “Јазол” снимен во 1985 по сценарио на Славко Јаневски.