Натпреварувањата на егата и немањето градска култура го осакатија Скопје

Родена во куќа на улица „Македонија“ наспроти сегашен „Пеко“ во кругот на старо скопско семејство, порасната во двете паркчиња кај Собранието и кај железничката станица, наша позната актерка Катина Иванова во себе ги носи сите убави спомени на град во кој по земјотресот многу нешта се променија…

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
-Пајтони, корзо, сообраќаец во центарот на градот со бели ракавици кој го регулираше сообраќајот, чистачи на чевли и… релаксирани минувачи кои често знаеја да ги помилуваат децата, да им се насмевнат, да им упатат убав збор.

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
-Часовникот се движи напред. Убавите сеќавања се само темел за убавото градско однесување кое се учеше дома, а се негуваше во училиштата. За жал, критериумите се изместени, а некој воопшто ги нема. Се што е грдо е на пиедестал, а за вредното и убавото некој од надвор треба да ни брцне в око за да го видиме и признаеме. Царува неписменоста.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
-Натпреварувањата на егата и немањето градска култура на многумина, неупатеноста и немањето критериум, не препознавањето на вредностите на деликатниот урбан живот на Скопје и скопјани во многу нешта го осакатија градот

Дали Вие доволно му дадовте на градот?
-И тие што навистина му дале на мојот град убавини и вредности никогаш нема да се изедначат со листопадните политиканти и среброљубци. Само партиските книшки се мерила за успешност.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?
-Се гордеам?… не знам… Се што е историски споменик е запуштен, низ Вардар пловат бетонски бродови, отпадна пластика. Имаше пари за така наречениот (барок), а за Св. Пантелејмон нема…
Се гордеам и се восхитувам на млади вредни луѓе кои одговорно вредно ја работат својата работа без оглед на сите потешкотии и неправди со кои се соочуваат. Има прекрасни, талентирани, вредни, млади луѓе.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
-Имам чувство дека поради лошата политика населението од цела Македонија се сели во Скопје. А толку убавини и богатства има Македонија. За жал нема кој да ги види. Закони има кој не се почитуваат, систем нема во ништо и никаде.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
-Хигиена, хуманост… Зеленило и простор меѓу новоградбите. Градинки . Рампи за хедикепирани лица. Социјални установи. На 12 км од центарот на градот нема вода. За канализација и колектори не станува збор.
Ех кога би имала моќ стиропор барокот да го поништам. Да престане да се урбанизира Водно…

Во какво Скопје сакате да живеете?
-Од се ова негативно што набројав имам една желба додуша утописка: Да се разбудам едно утро и на убав македонски јазик од медиумите да слушнам, прочитам, како спротивставените партии ги фалат успесите на противниците. Смачено ми е од натпревар во плукање во далечина.