Навредливо е да гледаш балкански турбо-фолк канали со „женско месо“

Уредничката во ТВ Клан Македонија Билјана Георгиевска смета дека домашните телевизиски канали имаат крајно оскудни и сиромашни програмски содржини.


Што им препорачувате на скопјани да гледаат на телевизиските програми и зошто?

-Странски информативни канали, документарни програми и филмови. Светот е голем, разнолик и интересен, со бесконечно креативна продукција, па затоа не гледам причина да се помине драгоцено време редејќи ги домашните ТВ канали. Пандемијата покажа дека ниту сме сами, ниту пак сме центарот на светот, како што долго време им се сервираше на гледачите во домашните политичко-информативни и дебатни емисии, правени по принципот „да бидеме исти како другите“ наместо да се осмисли и да се вложи во нешто различно. Жалам што последниве неколку години и самата, како новинар и уредник, од внатре го гледам ова „разводнување“. Затоа, како анти- стрес ги избирам каналите за меѓународни вести, прелетувам преку неколку регионални канали, а се задржувам на History, Luxe, Travel…

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?

-Сите балкански турбо-фолк канали со вулгарни лица и „женско месо“ на екраните. Невкусни се, мене не ми се ниту забавни, напротив – ги сметам за навредливи. Веднаш ги скокам и каналите каде што ТВ ликот само стои, ретко зборува и често прави потврдно движење со главата, додека од другата страна по телефон зборуваат редовни гледачи најчесто жалејќи се на сите теми. Ова драгоцено телевизиско време поминува без било кој да води сметка за политичка коректност, концизност, аргументираност, почитување на туѓи ставови, често со навреди, омаловажување и политичко плукање. Избегнувам и бучни политички дебати, бидејќи знам дека одредени ликови кружат низ телевизиите поканети само за да „галамат“, што за жал резултира со лајкови на социјалните мрежи од чисто сензационалистички причини, што пак некои од ТВ-газдите го читаат како „потврда за успех“. Дефинитивно не ги препорачувам сериите што во 21 век промовираат отомански конзервативни вредности.

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

Се разбира дека не е. Прво затоа што не постојат веќе градски или „скопски“ рубрики во медиумите. Второ, затоа што редакциите главно водат сметка да имаат се што во текот на денот ќе рече власта, а опозицијата ќе искритикува, па за темите што се однесуваат на реалните проблеми на скопјани не останува време. Кога ќе дојде сезоната на загаден воздух, веднаш се пали алармот за квалитетот на живот во градот, но најчесто се завршува со изјавите од градските власти и еко-активистите, без посеопфатно прикажување на проблемот од различни агли. Не е доволно пофалена очигледната промена во навиките – се почестата употреба на велосипеди поради маките со паркинг во центарот. Не е аргументирана доволно потребата од воведување нов тип јавен превоз, што постојано се ветува па се заборава. Дури нема ни куси, шармантни прилози од гастро-критичар или вино-критичар, на пример, што е тренд во Европа и зборува заеден вид софистицираност на главниот град.

 Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

-Би тргнала по светот да снимам документарци, за белезите на општествата на исток и на запад, за менталитетот, културата и развојот на север и на југ. За мобилноста на младите во потрага по искуства и подобар стандард, за преселбите на пензионерите во потрага по поефтин живот. Би донела веќе готови програми како на пример документарната серија на BBC – Who do you think you are, која го истражува фамилијарното дрво на познати личности, со генерации наназад, низ разни земји, архиви и други оригинални записи. Ова е само еден наслов од тие што би сакала да бидат достапни и во Македонија, затоа што се квалитетни, едуцираат, го менуваат аголот на гледање на нештата и даваат многу одговори.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Да не трагично, ќе биде смешно – снегот ги изненади градските власти
Следна вестСнегот ги одложи фудбалските натпревари за следната недела