Олимпијадата во Париз е на помалку од година дена, а француските власти сакаат да се осигураат дека креветните стеници нема да направат проблем за време на најголемиот спортски настан и почнаа кампања за уништување на паразитите. На социјалните мрежи има сè повеќе видеа од инсектите како се шетаат по возови и париското метро, а има и сè повеќе извештаи во медиумите за креветни стеници во кина, театри, па и на аеродромот Шарл де Гол.
– Државата итно треба да направи акциски план против оваа напаст додека Франција се подготвува за Олимписките и Параолимписките игри следната година, напиша парискиот заменик-градоначалник Емануел Грегор во писмо до премиерката Елизабет Борн неделава.
Министерот за транспорт Клемен Бон во петокот кажа дека ќе разговара за проблемот со транспортните оператори.
Но, на главната железничка станица во Париз, патниците се сомневаат дека властите ќе можат да се справат со проблемот.
– Загрижена сум. Си го чувам багажот затворен за да не ги донесам креветните стеници дома. Што дојдам дома, веднаш ги перам сите мои алишта, вели Лора Мади, кој патуваше за југот на Франција.
Пристигнувајќи во Париз од Ница, Софи Русика вели дека морала детално да го провери нејзиното седиште за да се увери дека нема знаци од инсектите кои се хранат со човечка крв.
Креветната дрвеница или стеница (Cimex lectulartus) е паразит кој се храни со крв од човек, мачка, куче и други домашни животни но и од зајци, глувци и други глодари и птици.
Овие штетници можат да се вовлечат во секој дом, а претставуваат закана и на патувањата. Најактивни се навечер кога излегуваат од своите легла (кревети, душеци и друг мебел) за да напаѓаат и да се хранат. Со помош на усен апарат за боцкање, дрвеницата ја цица крвта на својот домаќин, цели 10 минути (ларвата во просек пие 5 мг, а женката околу 7 мг крв).
На местото на убодот на кожата од домаќинот, таа лачи еден вид анестетик со што болката не се чувствува, но останува локална реакција во вид на црвенило попратено со јадеж. Креветната дрвеница исто така, може да биде преносител на многу заразни болести.