Не би чекал, веднаш би ја реконструирал Универзална

Естрадниот уметник Перо Христов одговара на прашањето, кои три работи би ги направил ако тој е градоначалник на Скопје…

1.Решение за сообраќајниот метеж
Сите секој ден ги чувствуваме последиците осообраќајниот метеж кој ни се случува на градските сообраќајници. Тој проблем може да се реши само со поефикасен градски превоз кој треба да оди под земја бидејќи на површина е тешко да се направи трамвај, а пак да нема гужви. Иако е тоа скап проект на градот му треба метро. Јас тоа прво би почнал да го градам на делницата од Автокоманда па до Ѓорче Петров, која е клучна. Со тоа би се решил и проблемот со загадувањето во градот што потекнува од автомобили. Би работел и за авио линија од Скопје до Њујорк и Чикаго. Парите ќе се обезбедат кога се работи домаќински.

2.Реконструкција на Универзална сала
Не би чекал ниту еден месец туку би започнал со реконструкција на најубавата Универзална сала. Ова сала има посебно место како во сеќавањата на граѓаните така и на нас музичарите. Таа треба да се сочува и да се спречи натамошното пропаѓање. Со нејзината обнова таа повторно ќе стане место и центар на убавите музички настани.

3. Греење и ладење за спортските сали
Со тоа би се создале попријатни услови за спортување на нашите спортисти и сите други граѓани. Вака, навистина е неприфатливо да очекуваме да вежбаат во ладни сали во зимскиот период или во претопли во текот на летото. Ако веќе се направени тогаш во нив треба да постојат и пристојни услови за спортување. Со тоа и ќе се унапредува спортот во градот и во земјава, а што сите ќе не радува.