Не е добро насилниците од повисоко да ги гледаат полицајците

Вандалско уништување на се што им се најде на пат е вообичаена работа за разните насилници низ Македонија. Кршат, рушат, оштетуваат… само за да на момент си ги лечат тешките комплекси. А државните институции ретко го наоѓаат соодветниот лек…

Па така осилени, вандали се изживувале на планинарската кула на Титов Врв. Внатре уништиле практично се што можело да се уништи. Искршиле стакла, профили, запалиле агрегат, алати, клупи, маси, украле бор-машина…

Да, љубителите на природата и планинарењето ќе го поправат тоа. Но, ќе се поправи ли борбата против насилниците? Ова треба надлежните, дебело платени државни институции, да го кажат.

Кој и зошто го сторил овој вандализам се уште не се знае. Утврдено е само дека насилниците таму биле во период од 8 до 18 декември. Ќе останат ли засекогаш непознати сторителите?

Ваквиот вандализам не смее да остане неказнет. Поради досегашната неказнивост насилниците и се храбрат за други уништувања. Вандалите биле на врвот, време е полицијата да тргне во освојување на заштитничкиот врв.

Не е добро насилниците од повисоко да ги гледаат полицајците.

Претходна вестСевернокорејски дронови упаднале во Јужна Кореја
Следна вестПрипадник на ИСИС планирал со камион да изврши напад во центарот на Белград