Не е добро тоа што цела Македонија е собрана во Скопје

За актерка Стојна Костовска нејзиниот роден град е град кој е длабоко во нејзиното срце но таа би сакал да биде уште попријатно место за живеење.

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

-Прва мисла, е мојот дом. Имам среќа да живеам во сопствен дом со убав двор во населба Лисиче, Аеродром. Тоа е една од скопските општини која е позната и по тоа што е толку густо населена, што зградите се толку блиску една до друга, што станарите може да си зборуваат преку терасите и да пијат кафе. Тоа доволно зборува за денешното Скопје, а тоа какво е сега и како е сменето. Но, какво и да е тоа е град кој е секогаш длабоко во моите мисли и во моето срце.

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?

-Скопје е мој град и јас со носталгија се сеќавам на мојата најрана младост. Се сеќавам на тоа кога имаше корзо, дружба, почит, љубов, кога се раѓаа симпатии… Се познававме кој е кој, од кое маало е. Скопје и Вардар се едно. Вардар е сведок на моето прво давење, но се среќно се заврши. И старото и новото Скопје е Скопје како никој друг град за мене. Со сите убавини и недостатоци.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

-Како граѓанин кој редовно плаќам комуналии и си ги исполнувам сите други обврски не сум задоволна од тоа каква е состојбата со хигиената во градот. Има отпадоци на сите страни, канти преполни со смет. Како граѓани не довиваме за возврат тоа што треба. Дојдете само во населба Лисиче само да видите: џунгла, стари руинирани гранапчиња… објектот на стара „Славија“ е ужас. Штом се стемни се плашам да пројдам покрај него.

Дали Вие доволно му дадовте на градот?

– Никогаш не можам да кажам дека многу сум придонела за градов. Но, тоа секогаш сум го настојувала со сето она што сум го правела во сферата на културата, со настапи на театарски штици, во радио-етерот, во филмовите и сериите. Тоа секогаш ме носело, ми давало стимул. А колку сум успеала во тоа, нека оценат граѓаните.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?

-Со самиот факт што живеам во градот каков што е Скопје. А потоа се гордеам со сето она што Скопје денеска претставува. Посебно со тоа што е град на солидарноста и што мислам дека треба уште повеќе да се афирмира како знак за препознавање на градот. А потоа со сето она што постои како културно-историско наследство на неговото подрачје

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?

-Ми недостасува, прво, чист воздух. За жал, градот знае да се гуши во загаден воздух кој од Водно делува како море од нечешлан памук. Тогаш жалам.

Мојот град е сончев, топол и треба да стане метропола како што доликува на една држава. Но, се плашам дека почнува да ми наликува на паланка, но сепак од прв степен…

Сепак, не е добро тоа што цела Македонија е собрана во Скопје. Луѓето се доселуваат без оглед на тоа дали имаат тука леб за јадење. Треба сепак да се запре со тоа, да се тргне желбата секој да живее во Скопје.

Во какво Скопје сакате да живеете?

-Сакам да живеам во град кој ќе има чист воздух, во кој ќе се движиме не пречејќи еден на друг, во град во кој ќе има култура на однесување и меѓусебно почитување, во град полн со зеленило. Мојот град да го има сето она што му го олеснува животот на секој граѓанин.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

-Не сум компетентна за тоа да кажам дали градот треба да се шири. Сепак сум само обичен граѓанин. А во таква улога мене ми е важно градот да е чист, уреден, да е функционален, да кога ќе излезам надвор да дишам чист воздух, да нема гужви. Ако тоа може да се обезбеди во градот кој се шири тогаш не може да ми пречи ширењето. Ако сите служби функционираат како што треба, ако луѓето се културни и толерантни едни кон други, тогаш не може да се биде против ширењето. Но, проблем е сега што градот не е функционален, посебно не Центар, Аеродром…

Претходна вестНеисплаќање на К-15 за државните административци е реформа, казна или…?
Следна вестЧетири месеци условна казна затвор за Бугаринот кој недолично коментраше за автобуската несреќа