Нешто пообилен снег кој заврна кога e и најочекувано беше доволен веднаш да настанат проблеми на македонските патишта. Дали можеби требаше снегот да се јави барем со СМС-порака дека доаѓа во Македонија?
Ако се јавеше може ќе се подготвеа скапо платените институции и немаше да има проблеми со одвивањето на сообраќајот. Но без таа порака еве сега се забрани сообраќај за тешки товарни возила на патните правци крак Маврово – Дебар кон Жировница и Тетово – Попова Шапка, се забрани движење на камионите преку планинскиот премин Ѓавато, како и движењето на камионите и автобусите на патот Тетово – Попова Шапка… Поради замрзнат пат се затвори и патниот правец меѓу Куманово – г. п. Белановце, помеѓу с. Алашевце и с. Извор, а одрони на камења направја проблеми меѓу Пехчево и Делчево, во струмичко, кај Македонски брод…
Има и отсечени села.
Добро е што снегот увиде дека згрешил па денеска не вее и состојбата донекаде се подобрува и некои забрани се тргаат. Излезе дека снегот и дождовите пак ги изненадија надлежните од зимските служби и тоа токму кога беше најочекувано дека снегот ќе заврне и кога имаше токму таква прогноза на метеоролозите. Зошто е така, зошто кога ќе заврне снегот веднаш станува тешко да се стаса до дестинации кои се малку повисоки – надлежните треба да одговорат. Но, да потсетиме – истите прашања се поставуваат секоја зима и пак нема подобрување.
А владините функционери неодамна во „Македонија пат “ се пофалија со набавката на нова механизација, со нови 15 комплетно опремени камиони и 3 машини за утоварање на ризла и сол за потребите на Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионални патишта. Што вчера правеа новите камиони платени три милиони евра не е познато. Можеби биле на некои други локации, можеби треба уште камиони…
Сепак, да се надеваме дека следниот пат снегот ќе се јави барем 3 дена порано пред да реши да вее.