Не е возможно, цело време се едни те исти работи да се повторуваат во Скопје

 Музичарот Никола Јанков – Коки, дел од некогашното познато дуо „Дуле и Коки“, го сака Скопје и покрај сите големи промени што ги доживеал градот во кој дошол од родниот Штип.

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

-Многу убави моменти, случки, приказни. Многу често ги бројам локалите и местата во кој настапувавме и никако да ги добројам. Секогаш ќе запнам за некое место, што сум заборавил како се вика, а не ни постои повеќе, и пак од почеток. Убавите луѓе што ги знам, и што ги запознав во Скопје, останаа во моето срце засекогаш. Имав чест да видам како се кастрат ружи во Тафталиџе, да видам кој муабет го вртат дебармаалци, научив како се игра табла у Чаир, итн

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?

-Јас сум од „провинција“, штипјанец по потекло.Ќе бидам лицемер ако се споредувам со старите скопјани, и да се правам дека многу знам, но за Скопје можам предавање да одржам. Знаев како диши градот. 24 часа на ден, 25 години бев на улица. Секоја педа ја знаев. Сега веќе не. Сега се други времиња. Друга мака има Скопје. Сега веќе не сме исти, порано бевме. Некако, друга крв тече низ него. Што е најчудно го сакам се уште. Секогаш ќе го сакам.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

-Кој дава, што дава и колку дава, врска немам. Овде треба да зборуваме за политика. Знам дека луѓето се гушат во многу работи. Знам дека не им е баш добро. Знам дека се гради, дека се менаџира се нешто, но ефектите се многу мали. Негде се греши можеби. Законот не функционира, млитаво е. И до луѓето е, и до челниците е. Не е возможно, се едни та исти работи да се повторуваат цело време. Ред нема. Секоја чест на поединци. Јас сум 25 години во центар со живеење и гледам, не сум слеп. Ќе ни треба уште бааги да вложиме во нашата самосвест, култура, навики, алчност, проникливост, трпеливост итн. Политиката ги има замрсено конците секаде. И тешко се одмрсуваат.

Дали Вие доволно му дадовте на градот?

-Многу луѓе, многу генерации поминаа и заминаа на нашите настапи или свирки, како сакате. Се зборува се уште за Дуле и Коки. Многу љубови се случиле на тие забави, ама вистински љубови… Но, спомените се спомени, а животот е со лицето свртен кон секого и те стрела со поглед. Врви ајдее, не дреми ти вика. Кога даваш, давај од срце. Не е доволно да дадеш и да кажеш, еве дадов и толку. И да те снема. Лично? Имам уште многу песни за свирење и пеење.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

-Мислам дека Скопје е таман. Ако е убаво за живеење, ќе доаѓаат луѓе и ќе се шири градот уште. Ако е вака, мислам дека луѓето полека ќе бегаат кон периферија и кон внатрешноста. Загадено е, да бидеме реални, не е фер…

 Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?

– Зарем нема да извлечеме поука од оваа ситуација, да се свртиме кон семејствата, да се свртиме еден кон друг, конечно да се свртиме кон Бог. Зарем тоа не ни фалеше..? Науката е наука, Бог е Бог, луѓе. Сега за што ќе се жалиме? Фатете се за раце по дома, отворете ги душите, барајте прошка, простувајте. Немаме ништо, а може да имаме се. Непријателот и гревот не се опција кога веќе може да избираме. Да додадеме љубов, да го одземеме стравот, зависта, љубомората, грешната природа на човекот. Не Скопје, светот ќе биде сосема поинаков. Искористете ја ситуцијата, можеби сега е правото време.

Во какво Скопје сакате да живеете?

-Сакам многу работи. Сакам добри луѓе, добри комшии, сакам да учам од чекорите на луѓето што живеат и чекореле по овој град. Барам поука, барам искуство, го барам Скопје со весело срце, со радост. Сакам градот да има мека душа, како памук, како свила. Тоа барам.

Претходна вестАрсовски: Дали министерката Нина Ангеловска крие дека се подновила со стан од над 100.000 евра?
Следна вестОд 665 тестирања – позитивни 90 лица, девет пациенти починале од вирусот