Не исполнува чувството дека им помагаме на гладните во црковната кујна

Сите пет жени доаѓаат секој работен ден околу 7 часот и веднаш се фаќаат за работа. Од оставата се зема храната што ја добиле од донаторите и почнува подготвувањето. Во една не толку голема просторија имаат на располагање три електрични шпорети и неколку големи тенџериња. Доволно за да биде подготвен ручекот за оние кои тој и во претходните денови не знаеле што воопшто ќе јадат. Веќе во 13 часот на големата маса во трпезаријата се поставени чинии со јадење, леб, салата, вода, сокче, овошје… зависно што во претходните денови донирале добрите луѓе. И така со години. Петте жени кои се срце и душа на црковната кујна „Ѓаконија“ при црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров сето ова го работат доброволно, без и денар надомест. Пример кој на најубав начин покажува до какви се големи височини може да стаса хуманоста на добрите луѓе.
-Кога нешто сакате, кога добрината се носи во срцето, кога сакате да им помогнете на оние на кои им е тешко во животот тогаш и ова не е тешко. И јас сум била во таква тешка ситуација да чекам да ми се даде корка леб. После Бог си го направи своето и јас почнав да им давам на други, ни вели Наташа Донева, одговорна за оваа единствена црковна кујна на подрачјето на градот Скопје.
Кујната делува веќе 21 година и во неа храна добивале сите граѓани кои живеат во тешка ситуација, без оглед на нивна вера или националност. Освен Наташа, таа добрина кон другите луѓе во оваа кујна ја шират уште и Ружа Зврлева, Љубица Митевска, Менче Трипковска и Марика Трповска. Сите тие се откажале од вообичаен пензионерски живот и одмор за на овој начин да им помагаат на луѓето.
– Има ли нешто поубаво од тоа да придонесуваш и некој друг да се чувствува убаво. Јас млада отидов во пензија и немав дилема дали да се ангажирам тука, ни рече Зврлева која е главниот готвач во кујната и тука е веќе 20 години.
Марика Трповска ни вели дека воопшто не и е тешко секојдневното доаѓање и не баш лесната работа тука. Таа е најмлада по „стажот“, волонтира веќе три години.
-Немав дилеми дали да се придружам и ова го сметам за чест и привилегија што работам тука. Кога им ја делиме храната јас се чувствувам како дел од тие луѓе на кои им треба помош, наведува Марика.
Секој ден се готви различно „мени“: во понеделник ориз, вторник – зелка, среда – макарони, четврток-компир манџа, а петок – гравче. Се прават по 150 оброци. Во саботите и неделите кујната не работи.
-Не враќаме никого, а ни доаѓаат дури и луѓе кои имаат и пензии и по 18.000 денари. Ни велат, нема дома кој да ни готви храна и ние им веруваме. Не веруваме дека би не излажале околу ова, вели Љубица Митовска.
Менче Трипковска тука работи пет години и е загрижена околу тоа што се зголемува бројот на оние кои бараат помош.
– Постојано гледаме нови лица. Има луѓе дури и од Драчево, од селата од Скопска Црна Гора. Добро е што се уште има добри луѓе и фирми кои донираат, но и луѓе тука кои помагаат како старешината на храмот Костадин Малинов и отец Ивица Тодоров, потенцира Менче.

Апел до хуманите луѓе за долгот за струјата
Кујната има проблем оти е во ситуација да не може да ги плати сметките за струја за електричните шпорети на кои се подготува храна.
-Должиме за два месеца, а немаме пари да ги платиме. Апелираме до добрите луѓе и фирми да ни донираат пари за да го подмириме долгот. Жиро сметка ни е МПЦ „Св. Петар и Павле“ – Ѓорче Петров, а сметка е 300000001341643 во Комерцијална банка, со назнака дека е за „Ѓаконија“, вели Наташа Донева.