Не мора да се гледаат сите вести, истото се кажува насекаде

За Ристо Манасиев, дигитален артист и 2Д аниматор, македонските телевизиски програми се значително, речиси целосно, со еднолични содржини. Заради тоа, граѓаните не би требало да губат многу време пред телевизиските екрани.

Што им препрорачувате на скопјани да гледаат на телевизија?
– Што е можно повеќе содржини кои би им принеле релаксација, задоволство и забава. Нашето секојдневие и модерниот брз начин на живот придонесуваат стресот да е неизбежна појава, а најдобар начин да се справиме со него потребни се трите горенаведени сегменти.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат на ТВ екраните?
– Се она кое би им предизвикало растревожување, јас лично би рекол што е можно помалку да гледаат дневно-политички емисии, ги има премногу, секако ја разбирам потребата од информираност, но тоа не значи дека мора да се изгледаат сите вести на сите канали во секој термин, зашто да бидеме реални, помалку или повеќе истото се кажува секаде, настаните од денот се тие без разлика колку пати да ги погледнете во текот на денот и на различни канали веројатноста дека нешто драстично се сменило е најчесто мала, секако со одредени исклучоци по некогаш. Треба да се одбегнуваат и таканаречените сапунски серии кои многу често се преполни со негативни содржини.

Каква емисија би направиле за да биде задоволителна и вредна за гледачите?
– Сметам дека ни се потребни повеќе емисии од забавен тип, мултимедијални емисии. Како што веќе реков, преплавени се програмите со политика и сапунски серии, што се случи со емисиите од типот на Грајфер, Емисијата за Игрици, Ентер и други емисии од сличен тип кои порано ги имавме многу повеќе, емисии за музика, филм, игри од сите видови, што се случи со квизовите и шоуата од типот на Сепак се Врти и Џандар Збира, оние кои се сеќаваат на 90-тите се надевам се сеќаваат и на Водени Лудории. Детските програми и емисии исто така не ги има многу, Ви текнува на Чудовишта во Нашиот Град, Дајте Музика, легендарната Бушава Азбука? Емисии кои не само што имаа улога на забава туку и на едукација, за жал, бар јас, повеќе не среќавам таков тип на емисии, можеби ги има, искрено последниве неколку години воопшто не ни гледам телевизија. Општо во сите форми на медиумите недостасуваат солидни забавно-поучни содржини.

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?
– Јас би рекол дека дури и премногу е застапен, меѓутоа повторно со ова прашање и одговор отвараме една поголема и многу опширна тема. Мислам дека причината за тоа е фактот дека скоро 90 отсто од, би рекол, битни и важни настани и манифестации се случуваат токму во главниот град. За жал, бар така изгледа, во другите градови како ништо значајно да не се случува, a доколку има манифестации и важни настани и во другите градови, а не се доволно медиумски покриени, тогаш тоа е голем срам за оние кои треба да го сторат тоа. Доколку сум во право, тоа значи дека оние кои се задолжени за тоа мора да посветат повеќе време и да поработат на организирање на активности, манифестации и настани во другите градови во државава.