Не може двајца партиски лидери да кажат што е консензуален претседател

Македонија и нејзините политичари се познати по политичките експерименти на кои потоа земјата и станува роб. Еве сега се форсира – консензуален кандидат за претседател. А што тоа значи? Се прави ли такво нешто во некоја земја од регионот?
Но, во наредниве денови ќе се знае дали двете најголеми партии во владината коалиција – СДСМ и ДУИ – на претседателските избори ќе излезат со консензуален кандидат. Шансите за тоа се големи, посебно откако премиерот Зоран Заев изјави дека ни е потребен претседател „зад кој ќе застанат сите граѓани“. Во пракса, тоа значи дека најтесните раководства на македонската и на албанската партија ќе седнат и ќе се договорат кој да им биде кандидат. А тој ќе биде можеби Македонец, можеби Албанец, можеби од некоја друга националност, но во секој случај ќе биде предлог на една партија кој ќе биде прифатлив за друга партија. Во преговорите ќе излезе на површина која партија ќе биде таа која овојпат ќе го даде предлогот. На следните избори редот, се подразбира, ќе биде на другата…
– Така се уништува директната демократија и се наметнува партиска демократија, каде двајца лидери ќе ти кажат зад што треба да застанат сите граѓани, а демек се друго не е добро за Македонија, ни коментира скопјанката Радмила.
Коалициските партнери се решителни, особено откако им тргна со уставните промени, со воведувањето на двојазичноста во земјава, со амнестијата…
Во нашиот политички систем на овој начин повторно се воведува принципот на „непишан договор“. Односно, правило кое не е напишано во нашите закони и прописи, но се применува во меѓупартиските односи. Слично на непишаното правило на коалицирање на победнички партии од македонски и од албански политички блок кое почна да функционира од 1992 година со првата коалиција на СДСМ и ПДП. И кое беше почитувано се до последните избори кога ДУИ реши да не направи владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ која освои најмногу пратеници. Сега, одново имаме таква ситуација, двете владеачки партии ќе воспостават ново „непишано правило“ за да изберат консезуален кандидат за претседател и лесно е да се претпостави дека тој принцип нема да остане само за овие избори.
Практично, ќе се има ситуација во која вољата на мнозинската етничка заедница нема да биде решавачка туку носењето на сите изборни одлуки ќе се случуваат само преку принципот на консензус. Консензусот е добар при некои теми и општествени процеси, но не и за се во Македонија.
Граѓаните реагираат на ваквите промени и сметаат дека ја носат земјата во погрешна насока.
– Според мене, системот на бирање според партија е сосема погрешен и за претседателските и за парламентарните и за локалните избори. Пред избирачкото тело треба да застане лик, човек кој треба гласовите да ги освои врз основа на сопствениот кредибилитет. Ние речиси 30 години заокружуваме партиски симболи наместо човечки и лидерски квалитети. Идејата за консезуален кандидат воопшто не е добра бидејќи воведувањето на тој принцип ја води земјата и кон федерализацијата, смета скопјанката Дарија Андовска.
Предупредувањата на граѓаните се недвосмислени и оние кои ги носат одлуките нив сериозно треба да ги земат предвид. Последиците од воведувањето на меѓупартиските пазарења и непишани правила во правниот систем можат да бидат преголеми и целосно да го сменат уредувањето на државата.

ДУИ може да добие претседател ако кандидира вистински човек
Идеата за консензуален кандидат ја истакна ДУИ одамна. Без да се навлегува во нивните мотиви, не е јасно зошто имаат грч дека немаат шанса и нивен член да стане прв човек на Македонија? Мнозинството од граѓаните покажаа дека знаат да гласаат за човек кој е подготвен да стои под македонското знаме и ја пее македонската химна. ДУИ само треба да си најде таков човек и нека го стави на изборна листа.