Не ни требаат пристапни рампи за ски-скокови

Колумна на Ана Карајанова Димитрушева:

Oдбрав да посветам внимание на лицата со инвалидитет/попреченост и нивната можност да егзистираат и непречено функционираат во нашата мила држава. Собранието во 2011 година едногласно ја има ратификувано Конвенцијата за правата на лицата со инвалидитет/попреченост и Факултативниот протокол на Конвенцијата кои евидентно недоволно се почитуваат. Да потсетам пристапноста не е само во декември кога се одбележува светскиот ден на лицата со попреченост, не е само пред избори и секако не е поради заслуги и медаљи. Пристапноста не значи само рампа и лифт. Таа може да биде физичка, интелектуална, визуелна или аудитивна. Пробајте да гледате телевизија без слика или да слушате радио без тон,…

Наречете го и апел до архитектите и властите, но ајде за почеток да ве потсетам дека пуштањето во употреба на рампа за инвалиди, не е само за кампања и фотографирање треба да користи за целта за која е поставена, да се почитуваат стандарди и критериуми. Најбитно повикајте лице со инвалидитет да ја проба заедно со проектантот, доколу инвалидот оцени дека рампата има употребна вредност и може да ја користи, повелете, фотографирајте се. Не ни требаат пристапни рампи кои служат за ски – скокови.

Да, има многу законски одредби и подзаконски решенија кои гарантираат на лицата со попреченост розов живот. За жал, реалноста говори друго. Се троши премногу енергија во барање начини како да се избегнат позитивните законски прописи или да се избегне некое право со помош на алтернативни решенија кои имаат привремен или воопшто не даваат резултат. Тука сме, сакаме достоен живот. Не гледајте ја попреченоста, видете ја нашата способност. Ние сме одлични студенти, предани работници, верни пријатели и грижливи родители. Можеме многу и ќе постигнеме уште повеќе ако живееме во свет во кој не постои отфрлање и маргинализирање, ослободен од стигма и ограничување.