Не постои искрена политичка волја за решителна борба против организираниот криминал и корупција

Правосудните органи не успеаја да ја одбранат независноста која Уставот им ја гарантира. Овој проблем не е од сега туку си има своја историја, вели Цветановска од Македонското здружение на млади правници

Со Александра Цветановска, претседателка на Македонското здружение на млади правници, зборуваме за актуелните состојби во правосудството, загубената доверба на граѓаните во него и донесувањето на контроверзни законски решенија.

 Анкетите покажуваат дека во Македонија има голема недоверба на граѓаните кон правосудството. Зошто е тоа така?

-Иако прашањето е сложено, одговорот е едноставен. Граѓаните гледаат дека законите не важат еднакво за сите. Од една страна имаме мнозинство кое ги почитува законите, плаќа даноци и одговара дури и за минимални прекршоци. Од другата страна пак имаме привилегирани лица кои се или носители на сегашни или поранешни високи политички функции или пак претставници на т.н. бизнис елита. И покрај огромното количество индиции и докази за постоење на сериозни дела на висока корупција оваа категорија лица до сега никогаш не е одговарала за своите дела.

Причините преку кои се избегнува одговорноста се од влијанија врз обвинителството и судството па до ад – хок законски измени кои се носат заради остварување на некакви политички цели. Како што впрочем е и случајот со измените на КЗ минатата недела како и амнестијата од 2018 година. Дополнително, неказнивоста и отсуството на систем во последните неколку години резултираше со трагедии во кои животите ги изгубија повеќе од 100 лица (поплавите од 2016-та, автобуските несреќи во Ласкарци и во Бугарија и пожарот во болницата во Тетово). Отсуството на судска разрешница во која ќе се утврди одговорност уште повеќе ја нарушува, урнисува довербата во правосудството.

Зошто на правосудството му се случуваат скандали од типот на оние коишто ги гледавме во Судскиот совет, при изборот на обвинителите, судиите…?

 -Правосудните органи не успеаја да ја одбранат независноста која Уставот им ја гарантира. Овој проблем не е од сега туку си има своја историја. Уставните измени од 2005 со кои се воспостави Судскиот совет со надлежностите кој ги има денес, иако со позитивна цел, доверија огромна моќ во тело од 15 членови кое не одговара никому со исклучок на доставување годишен извештај во Собранието. Значителната моќ како и кадровските решенија во ова тело не се покажаа имуни и отпорни на политички влијанија при изборот, оценувањето и разрешувањето на судиите. Ова беше особено случај во годините кога се уште се избираа судии кои не беа посетувале обука во Академијата (2010 – 2012). Иако се вложи напор да се подобри нивната транспарентност и се унапреди и законската рамка, сепак мораме да признаеме дека напредок нема, особено по случувањата во Судскиот Совет годинава. Причините зошто ова се повеќеслојни, од самиот начин на избор на членовите преку моделот на професионално тело па изборот на лица кои не ги задоволуваат општо прифатените критериуми за истакнати правници.

 Како ги доживувате најновите и спорните измени во Кривичниот законик – дали се тие резултат на желба на власта да се бори против коруцијата и да се усогласува со европски стандарди или е тоа пат за политички пазарења?

– И како МЗМП и како група на граѓански организации за реформи во правосудството изразивме особена загриженост за начинот на кој беа истуркани овие измени. Постапката во која беа донесени овие измени и особено нивната содржина во однос на горенаведените кривични дела се во целосна спротивност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок. Нивната примена во практиката, во случај на нивно стапување во сила, ќе предизвика несогледливи и непоправливи последици во однос на борбата против организираниот криминал и корупција и продолжување со хроничната неказнивост на високите функционери. Било каква интервенција во казненото законодавство и особено во однос на казнената политика, бара сеопфатна и детална анализа и стручна дебата. Такво нешто во овој случај отсуствуваше. Иако постои работна група во рамки на Министерството за правда која работи на нов Кривичниот законик таа беше заобиколена. Дебата со стручни лица немаше, ниту пак во образложението за потребата од измена на законот е образложено зошто се намалуваат казните за споменатите кривични дела. Во однос на содржината на измените, доколку стапат на сила, тие ќе го декриминализираат целокупниот висок криминал сторен од вршители на јавни функции во последните две децении. Извртувањето и злоупотребата на правото и правниот систем заради остварување на било какви краткорочни политички цели е секогаш лош пристап кој ќе има несогледливи последици врз нашето општество.

 

Претходна вестСекој четврти барател од Македонија лани бил одбиен за виза во САД
Следна вестТешка сообраќајка кај Меџитлија, возачот загинал откако излетал од коловозот