Не притиснаа до ѕид, мора да се бориме…

Колумна на Владимир Величковски: 

Во „медена земја“, како нашата, има слаби приноси на мед и толку исфрлени отрови, а некој упорно сака (со валкани раце, како децата) да брцне во медот. Се најдовме во некој неодреден меѓупростор, суров од една страна и замислен од друга страна. Доминира страв и очај, неизвесност: сиромавиот бара леб и правда, а нив ги нема, а власта и богатите аздисуваат. Имаме продолжена традиција и комбинирана тешка криза пред нас, а партиите бескрупулозно (траги-комично неразумно) се борат за власт, а луѓето никому не му веруваат. Народот е збунет и изгубен, апатичен, немоќен и изолоран од секое влијание, а тие владеат во негово име. Во ниту еден поглед не сме еволуирале ниту сме направиле напредок кој може да ги изведе реформите со кои не условува ЕУ? Сиромаштијата, корупцијата и беззаконието земале сила, а луѓето се уморни од сите лаги и криминал, од сите видови на грабеж. Смислија нов поим: „затворски туризам“, наместо затвор од филмот „Тетовирање“, дилетантски партиски објасненија за научни теми. Што направија во последните триесетина години освен што секој работел за себе, а не за општо добро: тоа значи отсуство на професионализам, на планирање без никаква визија за развој (прираст, земјоделство, сточарство, енергетика…).

Децата не учат креативност, а младите „студираат незнаење“, далеку од критичко мислење. Кога ќе побараат работа, ги прашуваат дали се членови и што направиле за партијата. Тоа значи дека освен по Рамковен се вработуваат според  партиска подобност и со врски, а не според стручност и способност. Така го допревме дното. Партизацијата е општо зло и пустошење на се што допреа. Културата и уметноста се на крајот на нивниот интерес. На 2 август, ден Илинден, години на ред ниту еден функционер не го спомнува името на уметникот пред чиј споменик го одржал својот говор. Тоа се еден Димо Тодоровски, Јордан Грабулоски, Георги Константиновски и Рубенс Корубин. Затоа пак некои странски критичари барем ги спомнале имињата на уметниците – Роберт Глигоров, Никола Узуновски и Жарко Башески.

Некој деновиве ги избришал чкртаниците врз монументот „Гоце Делечев“ во Градскиот парк од авторот Љубомир Делчев, од Македонија и на крај го поставил бугарското знаме: тоа е само уште еден пример (како арогантното и триумфалистичко дефилирање на бугарската влада во Битола) агресивна провокација на негирање. Но, како ние се грижиме за бројните „монументи“ посеани по Скопје? Морам да забележам: со многу негрижа и незнаење. Не притиснаа до ѕид, мораме да се бориме, ама на вистински начин за своите права иако сме многу понижени и навредени токму од оние европратеници кои сега упорно не охрабруваат да продолжиме со преговорите за членство во ЕУ која ги подзаборави сопствените принципи и критериуми на еднаквост и демократија.

Светот е во тешка криза, како да е “пред крајот“, а ние си имаме елементи и на своја криза патувајќи по светот да измолиме, и од оние кои не понижиле некој енергенс, вакцини, храна итн. Како и да не сме во ситуација да се откажуваме и да се повлечеме во наша заостаната „провинциска  и фрустрирачка „провинциска пречуствителност“.

Летово берев дудинки и му се радував на детскиот џагор кога пуштија вода во фонтаната: тие не знаат, и не треба да знаат што ги чека уште утре! Колку е убаво кога ќе слушнете како Мичуринци го негуваат соживотот со своите комшии, како и изворната народна традиција. Ни го подигна духот и звуците на „Македонисимо“ на Симон Трпчевски и групата… и подобните, притаени.

Претходна вестГруби се правда за изјавата со Али Ахмети и народот: Згрешив со несреќна мешаница на зборови
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Аферата „Броило“ ќе открие фирми блиски до власта кои правеле милиони во време на кризи