Не сакаме како на парламентарните избори, едно да ни ветат, а потоа друго да прават

Митинзи, средби, одење „од врата до врата“, илјадници реклами на масовните медиуми, ветувања за се и сешто, обвинувања против конкурентите… сето тоа е она со што граѓаните ќе се среќаваат во наредниве двaесетина дена додека трае кампањата за претседателските избори. Тројцата кандидати: Гордана Силјановска-Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река веќе ги дефинираа и своите изборни програми за она што планираат да го направат доколку бидат избрани за шефот на државата. Колку тие ветувања ќе бидат прифатени од скопјани?

– Искуството ни вели дека често сме прелажани. Последен пат тоа беше на претходните парламентарни избори. Сегашната власт, а тогаш опозиција, едно ветуваше а потоа сосема друго направи. Во деца се колнеа дека некои работи нема да ги направат, а баш тие работи ги направија, ни коментира Катерина од Карпош.

Она, пак, што скопјани го очекуваат од тековната кампања и кандидатите неодамна во своите изјави за „Скопско ехо“ го кажаа јасно. Најважни приоритети во кампањата им се: кандидатите да ветуваат само она што ќе го прават, изборите да бидат мирни и регуларни, да нема валкана кампања, поткуп и притисоци врз гласачите и да нема злоупотреби со и околу медиумите.

-Не сакам да ме лажат како граѓанин и здосадено ми е од нереалните ветувања. Сакам јасно да ми кажат што можат, а што не можат да направат. Ветуваат многу работи а потоа се слушаат оправдувања дека не зависело се од нив. На крајот, ништо од ветеното, ни рече скопјанецот Миодраг Кузмановски.

За Зоран Поповиќ сигурно ќе има притисоци врз гласачите.

-Тие ќе сакаат и ќе бараат од нивни активисти и симпатизери да им одат по митинзите и потоа ќе им определуваат за кого да гласаат, Такви избори не сакам да гледам оти тоа ми ја нарушува регуларност, потенцира Поповиќ.

Дали граѓаните ќе го добијат очекуваното во текот на кампањата останува да се види. Она што се случуваше пред нејзниот почетокот не ветува такво нешто, посебно кога предмет на напади станаа децата на кандидатите и на партиските лидери.

– Ме разочара тоа што на ударот се најде Павле Давков, синот на кандидатката Гордана Силјановска – Давкова заради тоа што свирел кавал во Градскиот парк. На удар се најде и Александра Заева, ќерката на Зоран Заев. Децата треба да се остават по страна од кампањата. Ако некои се занимаваат и со нив, тогаш кампањата станува валкана, смета скопјанецот Игор М.

Што не сакаат скопјани:
1. Кандидатите да лажат и да бегаат од вистинските прашања
2. поткуп и притисоци врз гласачите
3. Навивачки телевизии и новинари