Македонските граѓани очекуваат од партиите да бидат работливи и ефикасни. Особено тоа треба да го прават партиите од власта. Успеваат ли во тоа?
Ако се гледа низ призмата на пишувања на соопштенија СДСМ ја натфрла нормата. Секој ден има што да кажат. Во ова не заостанува ниту ВМРО-ДПМНЕ.
Двете партии и денеска продолжија со препукувањата преку соопштенијата. Во СДСМ често се повторуваат, така направија и денеска – соопштија дека опозицијата е антизападно ориентирана.
–Факт е дека Христијан Мицкоски е анти-ЕУ политичар, а ДПМНЕ е антизападна партија. Мицкоски и ДПМНЕ без аргументи, го блокираат продолжувањето на европскиот пат на државата и членството во ЕУ, соопшти СДСМ.
Владеачката партија наведува дека ВМРО-ДПМНЕ не поддржа ниту една одлука за евроинтеграциите и правеше се за ја загрози европската иднина.
– Цели 11 години ДПМНЕ ја држеше земјата во изолација, надвор од ЕУ и НАТО, а денеска е главен кочничар на европската интеграција, се додава во соопштението на СДСМ.
Главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и во денешното соопштение го проблематизира договорот кој Лотарија на Македонија го потпишала со бугарска компанија за онлајн коцкање водена од бугарски олигарх, кој инаку, сега е во домашен притвор.
Од партијата на Мицкоски веројатно инспирирана од многуте аномалии во Македонија денеска излегоа и со уште едно соопштение, ова е поврзано со Законот за амнестија:
-Власта прави договор со мафијата за да и одработи пред избори. СДС и ДУИ сакаат на улица да пуштат стотина криминалци со дебели криминални досиеаја, по принципот како тоа што го направија пред 5 години. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи дерогирање на правото, се вели во соопштението.
До крајот на денот сигурно ќе има и други соопштенија од двете партии. ДУИ се чини не е многу по пишувањето.