Не се обрнува доволно внимание на проблемот со заскитаните куршуми

Злате ДИМОВСКИ, професор на Факултетот за безбедност, го прашуваме за се позачестената појава на заскитани куршуми во градот кои веќе повредиле неколку граѓани и кои претставуваат сериoзна опасност по секого.

Низ градот зачестија заскитани куршуми за кои не се знае кој ги испукал. Дали надлежните ги третираат како сериозна опасност или само се завршува во дневните билтени?
– Тоа, за жал, е така. Очигледно е дека тие куршуми се испукуваат од некаде, а ние секој ден слушаме пукотници. Тоа треба да не загрижи оти некој може да настрада. Во најголем дел овие куршуми потекнуваат од настани какви што се веселби или слично. Но, јас немам дилеми дека се испукуваат од оружјето кое е нелегално и кое неговите сопственици го кријат и не го пријавуваат кај надлежните. А во земјава имаме многу такво оружје кое е сериозен проблем во државата. Но, ние како да се преоптоварени со информации за разни аспекти на безбедноста во земјава па на ова не се обрнува внимание иако е мошне важно.

Како треба и може да се открие од каде потекнуваат заскитаните куршуми?
-Тоа е посебно тешко, посебно ако располагате само со куршумот. Тоа зрно, кога ќе удри некаде се оштетува и тешко може да се искористи за некаква подоцнежна истрага. Друга е ситуација доколку, на пример, граѓаните би пријавиле дека некое лице таму и таму пукало од некое оружје. Ако се тргне од тоа, тогаш може дасе најде некоја врска меѓу заскитаниот куршум и оружјето со кое некој пукал.
Значи, треба да се јакне свеста на граѓаните да реагираат на вакви пукања со тоа што треба да знаат дека и куршум испукан во воздух може да повреди некого. Односно, дека тој при своето паѓање на земја може да повреди или убие некого. Граѓаните треба да реагираат, да ги пријавуваат таквите лица, бидејќи денес-утре можат и тие самите да настрадаат. Се разбира, и полицијата треба да врши своја работа во откривањето на нелегалното оружје. Но, нам слабо ни оди откривањето на нелегалното оружје. Како земја сме потписници на соодветна Конвенција за мало и лесно оружје, но тоа стои само на хартија, а во пракса не се прави многу.

Има ли многу нелегално оружје во земјава?
-Секако. И тоа многу потекнува од 1997 година кога во соседната Албанија беа ограбени магацините за оружје. Тогаш големо количество на најразлично оружје беше внесено во нашата земја. Тоа и други оружја кои по други канали се внесени тука сега се чуваат на најразлични места. Ние немаме ни претстава колку нелегално оружје имаме во земјава. Странски проценки се дека имаме неколку стотици илјади примероци на оружје кое е сокриено и може да се купи за малку пари.
Нам ни е неопходно зголемување на казните, и тоа драконско, за сите оние кои пукаат во воздух и на тој начин прават заскитани куршуми од кои некој може да настрада. За такви треба да се предвидат дури и затворски казни. Од друга страна, потребно е и акција запријавување на нелегалното оружје. Односно, да се создаде можност да оние кои ќе пријават да поседуваат нелегално оружје да можат, доколку исполнуваат услови, и да го легализираат поседувањето.