Не се сеќавам дека во последно време сум гледал нешто на ТВ за Скопје

За Марјан Наумов, актер од помладата генерација, на нашите телевизии недостасува понуда на содржини од сопствена продукција…

оШто им препорачувате на скопјани да гледаат на ТВ?
-HBO и Netflix, најголемите ТВ платформи за серии и филмови. Бидејќи се прикажуваат не само врвни актерски и продуцентски производи, туку и добра едукативно- информативна подлога за теми кои биле или не досега толку откриени или дискутирани.

оШто би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?
-Емисија за готвење, „Готвиме со Мацко“. Се шегувам, има премногу такви. Имаме недостаток на ТВ серии. Освен “Преспав” и “Фамилија Марковски”, не сум видел ниту еден друг обид за такво нешто кое го задржува вниманието на гледачите. Потребно е да има повеќе проекти од тој тип кои ќе бидат конкуренција на веќе постоечките и ќе влијааат да се зголеми квалитетот на истите.
Инаку, голема желба ми беше да направам емисија за алтернативна музика во која би гостувале млади и прогресивни музичари. Во скоро време излезе “Алтер Сцена”, емисија наменета за алтернативната музичка сцена во Македонија во која гостите сами си го водат интервјуто и свират по неколку нивни песни. Доста квалитетно и креативно, морам да признаам дека на нешто слично мислев и јас.

оДали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?
-Не се сеќавам дека во последно време сум гледал или сум сретнал било што поврзано со Скопје. Би сакал да има повеќе ТВ проекти. Последно нешто што сум гледал беше проектот Skopje Remix, склоп од кратки филмови направени од различни режисери кои раскажуваат различни приказни поврзани со градот.

оШто сметате дека граѓаните би требало да избегнуваат и кога да го сменат каналот?
-Во принцип имам проблем со квота серии кои се направени без никаков квалитет, што би се рекло штанцани набрзина, наменети да пополнат одреден процент. И општо, сите емисии кои имаат за цел да наметнат одреден нивен став или идеја.