Не се вложуваат доволно средства за да Скопје нема греење на мазут и нафта

 Со Татјана Чакулев, еко-активист од здружението „О2 Иницијатива“ зборуваме за најновите сознанија за загадувањето на Скопје и можностите тоа да се намали…

 Најновата студија за изворите на загадувањето во Скопје покажа дека изворите се во – горењето на дрвата, сообраќајот, горењето на нафта и мазут Значи ли ова дека со години не сме напреднале во справувањето на овие извори на загадувањето?

-Најновата студија само ги потврди наодите од пред 6 години. За ова време неколку училишта и градинки, еден студентски дом и болницата за гинекологија „Мајка Тереза“ го сменија начинот на загревање. Град Скопје додели субвенции за над 7.500 инвертери и околу 1.300 печки на пелети. Инспекторатот на град Скопје ги интензивира инспекциите. Поместувања има, часовните пикови на ПМ10 се намалени и имаме повеќе денови со намалено загадување. Но, имаме болници кои се греат на мазут, геријатрија во Ѓорче, детската болница во Козле, Институтот за физикална терапија и рехабилитација во Капиштец, психијатрија во Бардовци. Имаме голем број на училишта, 52 отсто од училиштата во Скопје, или над 80 школи, кои се греат на нафта и мазут.

Приоритет треба да биде мазутот и нафтата, а и јагленот да се тргнат од суровини кои се користат за греење во градов. Да се намалат граничните вредности на загадувачките супстанции за индустријата и секако дрвото како начин на греење да остане само за навистина мал дел од популацијата во градов. Енергетската криза во која сме, не помага, со оглед дека многу луѓе се префрлија на греење на струја која поскапе и не се знае која ќе ѝ биде цената во иднина. Ова само значи дека соларната енергија треба што побрзо да се искористи, да се смени правилникот за обновливи извори за енергија и да може што повеќе електрична енергија да се добива од фотоволтаици.

Што е тоа што треба, а не се прави за да се намалат и попречат овие извори на загадувањето? Што се наметнува како приоритет?

-Не се вложуваат доволно средства за да нема болници и други јавни институции, училишта и градинки кои користат мазут и нафта. Кога би се вложиле доволно средства, за кратко време може да се реши овој проблем. Важно е на домаќинствата кои се греат на дрва да им се понуди алтернатива која нема да е скапа, а тоа ќе значи инвестирање во фотоволтаици, па струјата сами да си ја произведуваме, покрај големите хидроцентрали и да не зависиме од турбулентниот пазар на електрична енергија. Само на тој начин домаќинствата ќе го напуштат дрвото за греење. Студијата како приоритет наметнува промена на начинот на греење од дрва, мазут и нафта, да нема палење на отворено, дали отпад, стрништа, кабли. Прашината од градежништвото е голема во летните месеци и емисиите од сообраќај и индустрија низ цела година.

Дали за надлежните органи справувањето со загадувањето во Скопје е вистински приоритет или само така се изјавува?

-Справувањето со загадување станува приоритет и на централните и на градските власти. Ако се зголемат средствата и во наредниве четири години сите болници, јавни установи, училишта, градинки не користат мазут и нафта, тој дел ќе се реши трајно. Државниот завод за статистика во 2019 година утврдува дека во Скопскиот регион, каде спаѓаат и Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец, Сопиште, Студеничани и Чучер-Сандево, 40.159 домаќинства се греат на дрво, на нафта 1.493 и 541 на јаглен. Да земеме дека околу половина од овие домаќинства се во град Скопје, по 5.000 домаќинства годишно да го сменат начинот на греење со субвенции, за 4 години 20,000 домаќинства во град Скопје ќе го сменат начинот на греење и проблемот ќе биде решен. Тогаш сообраќајот и индустријата ќе бидат главните загадувачи. Но, ако во тој период се инвестира во јавниот превоз, техничкиот преглед да биде како треба, еко налепниците станат обврзителни и се воведат други политики врз таа основа, емисиите од сообраќај ќе се намалат. Законот за индустриски емисии треба да се донесе оваа година и со него ќе се намали загадувањето од индустријата, но не веднаш, туку во еден поголем период кој ќе биде даден за адаптација на индустриите.

НOВОГРАДБИТЕ ЈА НАРУШИЈА РУЖАТА НА ВЕТРОВИ

Високите градби по градот го попречуваат стуењето на воздухот… Треба ли посериозно да се преиспита станбената и друга градба по градот во овој аспект?

-Урбанизамот, ГУП-от на град Скопје и соодветно ДУП-овите, урбанистичките планови треба да го земат предвид струењето на воздухот, формирањето на урбани кањони. Хаотичното и непланско градење ја наруши ружата на ветрови и струењето на воздухот и потребно е нивно земање предвид при планирањето за да се намали штетата која е веќе нанесена со многуте новоградби во градов. Потребно е законски да влезе како обврска при урбанистичкото планирање.

Претходна вестНеделков: МТСП се обидува да ги заплаши штрајкувачите во градинките
Следна вестБритански министер поднесе оставка поради скандал, среќа во Македонија нема скандали